Маестро Даутовски настапи со неговиот син Ратко, докажан перкусионист, претставувајќи нов материјал и композиции, кои за прв пат се изведуваат на голема сцена. Беше тоа музички дијалог на двајца виртуози, патување низ неправилните ритми на македонската традиционална музика, како и низ пасажи кадешто се спојуваат Истокот и Западот
Пишува: Александра Јуруковска
„Чест ни е што фестивалот го отвора Драган Даутовски, музичар, професор и мајстор што инспирираше многу нови генерации да се занимаваат со македонската традиционална музика, а сето тоа го прави со неверојатана скромост“, рече Оливер Белопета на синоќешното отворање на 24. издание на „Оффест“ во Националната опера и балет. Фестивалот што повеќе од две децении во Скопје го носи најдоброто од музиката од светот, но и најдоброто од македонската музика.

Маестро Даутовски настапи со неговиот син Ратко, докажан перкусионист, претставувајќи нов материјал и композиции, кои за прв пат се изведуваат на голема сцена. Беше тоа музички дијалог на двајца виртуози, патување низ неправилните ритми на македонската традиционална музика, како и низ пасажи кадешто се спојуваат Истокот и Западот, низ крстосниците кадешто се меша мелосот на светот и на нашето Дома. Веројатно, неслучајно крајот беше резервиран за потсетување на иконичната композиција „Балкан“.

Пред бисот, во кусото обраќање и благодарност, Драган Даутовски, како врвен и верен чувар на традицијата, потсети на голем и значаен датум за Македонија – крајот на минатата година, кога културното добро „Традиционална изработка и свирење на гајда“ беше впишано на Репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото. На крајот, ја чувме и гајдата како заокружување на музичкото враќање кон македонските корени, македонскиот искон и исон.

По девет години, на „Оффест“ повторно настапија енергичните Canzoniere Grecanico Salentino (CGS) кои со звуците и ритмите на Јужна Италија (регионот Пуља), го освојуваат и лекуваат светот. CSG годинава одбележуваат јубилеј – 50 години постоење и непрестајно ги освојуваат светските музички сцени со своето автентична интерпретација. Основани во 1975 од фамилијата Дуранте, сега предводени од визионерот и нивни наследник Мауро Дуранте, со широка насмевка ù се обрати на публиката на македонски јазик, искажувајќи ја радоста повторно да бидат во Скопје.

CSG ни подарија час и половина енергично патување низ италијанските музички и танцови pizzica традиции. Публиката ги следеше во пренесувањето на преданието/верувањето за ритуалот pizzica taranta, за кој се вели дека со избезумувачкиот танц што турка во транс, се лечи и отровното каснување од тарантулата. Шармантниот Мауро не заборави да порача дека во време кога наши демони се осаменоста, изолацијата и стравот – танцот и музиката го исцелуваат светот, само доколку се слушаат и играат во заедништво!

Денеска на програмата се финскиот виртуоз на хармоника Кимо Похјонен (во Националната опера и балет во 20 часот) и живата легенда Марија Жоао од Португалија (22 часот).
Фото: Татјана Ранташа





