Тактилната изложба „Допирот на уметноста од Битола“ отворена во Тирана

Тактилната изложба „Допирот на уметноста од Битола“ е отворена во Македонскиот културен центар во Тирана. Изложбата ја организираше Заводот и музеј од Битола. Поставката промовира инклузивност, еднаквост и достапност на уметноста за сите. На мултисензорната изложба се претставени 12 тактилни предмети од богатото македонско културно наследство од Музејот во Битола.

– Предметите се соодветно технички опремени, а посетителите имаат можност да се запознаат со изложбата преку допир и преку QR кодови со соодветни аудио фајлови, со цел доживување на изложбата со сите сетила – велат организаторите.

Изложбата ја отвори директорката на КИЦ во Тирана, Ема Попивода, а поздравен говор одржа и директорката на битолскиот музеј, Маргарета Спасов. Ирена Ружин, главен иницијатор на проектите за достапност и организатор на изложбата, ги водеше присутните низ поставката. Посетителите имаа можност да ги допрат 3Д моделите на кои се прикажани значајни македонски културни обележја, вклучувајќи ја и познатата Саат-кула во Битола.

Сподели