СВП денеска ќе го соопшти лауреатот на „Златен венец“

Во Македонската академија на науките и уметностите во Скопје денеска во 11 часот фестивалот Струшки вечери на поезијата ќе ги соопшти добитниците на наградите „Златен венец“ и „Мостови на Струга“ за 2024 година. 21 Март, Светскиот ден на поезијата, СВП ќе го одбележи со повеќе настани. По свеченото прогласување ќе следува традиционалното поетско читање на кое ќе настапат истакнати поети-членови на Македонскиот ПЕН Центар, како и други истакнати македонски поети, a од името на Македонскиот ПЕН центар ќе биде прочитано поетското послание.

Поетско читање ќе се одржи во Спомен-домот на браќата Миладиновци во Струга, со почеток во 18.30 часот, а ќе настапат истакнати македонски поети од Струга, Вевчани, Охрид, Кичево, Прилеп и од Скопје. Ќе бидат прочитани и песни од добитниците на наградите „Златен венец“ и „Мостови на Струга“ за ова агодина.

СВП ја започнуваат соработката со Europe House Струга, новиот простор чија цел е да го привлече младинскиот сектор, да стимулира иновации, напредно размислување, вмрежување на поединци, групи, заедници и организации кои би креирале и би презентирале нови идеи, како и да поддржува иницијативи што се придржуваат кон вредностите и практиките на ЕУ. Во чест на 21 Март, во Europe House Струга во 20 часот ќе биде организирано поетско читање „Пулсот на поезијата“ на кое ќе настапат млади поети од Струга, Охрид, Вевчани, Скопје и Куманово, по што ќе следува музички настап на Пијан Славеј.

Годинава за првпат со заедничка иницијатива на СВП и Министерството за образование и наука објавија конкурс за избор на најдобра песна за учениците од основните и средните училишта. Целта на конкурсот е поттикнување на креативноста и имагинацијата на учениците и популаризација на поезијата како литературна форма и највисок јазичен израз.

Исто така, за првпат оваа година во сите основни и средни училишта за време на наставата по мајчин јазик ќе се организира и еден специјален час посветен на овој ден. Учениците ќе бидат запознаени со важноста на денот востановен од УНЕСКО во 1999 година и важноста на поезијата како една од најблагородните и возвишени уметности на пишаниот збор.

Пред младите ќе бидат презентирани примери од најпознатите светски и домашни поети како и значењето на СВП како еден од најзначајните светски поетски фестивали, а ќе бидат прочитани и стихови од годинешните добитиници на „Златниот венец“ и „Мостови на Струга“ како највисоки признанија кои се доделуваат на овој фестивал.

Сподели