Формирањето оркестар од ваков тип има големо значење за музиката и културата во нашата држава, воопшто. Од една страна им се овозможува на сите оние што се занимаваат со џез музика да имаат каде да се изразат и да творат. Голема придобивка е и за студентите кои студираат џез музика на факултетите во Штип и Скопје. Знаете малку е чудно ако имате две џез академии во државата, а немате џез оркестар – вели саксофонистот Кирил Кузманов
На мое огромно задоволство, во Македонија има публика за џез музиката. Ова го зборувам од искуство гледајќи ја посетеноста на концертите што ги правевме изминатите седум години како ЗЏМ Биг Бенд. Така што, јас и моите колеги сме благодарни и радосни што сме дел од оваа приказна и што ќе ја збогатиме културната музичка програма во државата – вели саксофонистот Кирил Кузманов, кој е еден од основачите на ЗЏМ.

Кузманов во текот на својата кариера има настапувано на повеќе места ширум светот. Го завршил основното и средното музичко училиште, отсек саксофон. Во текот на неговото образование Кирил посетува повеќе семинари од областа на џез музиката кај повеќе врвни џез музичари меѓу кои Боб Минцер, Дик Оутс, Џери Бергонзи, Џим Снидеро, Џими Коб, Адам Нусбаум, Луис Диего Бониља, Лари Голдингс, Бил Стјуарт, Боб Брукмаер, Џон Аберкромби, Дејв Либман, Мигуел Зенон, Дон Менза, Џеф Балард, Били Харт… Зема учество на IASJ JAZZ MEETING 2009, одржан во Луцерн, како преставник на Џез академијата од Грац, каде присуствуваат најдобрите студенти и професори на џез акедемиите од цел свет, под водство на Дејв Либман.
Како изведувач Кирил е дел од повеќе музички состави. Утревечер во Центарот за култура во Штип ќе настапи Националниот џез оркестар во неговиот град, како што вели Кузманов.
Се оствари конечно сонот на многу џез музичари, ваши колеги за Национален џез оркестар? Какво е чувството да се биде дел од оваа приказна?
– Чувството е прекрасно. Формирањето оркестар од ваков тип има големо значење за музиката и културата во нашата држава, воопшто. Од една страна им се овозможува на сите оние што се занимаваат со џез музика да имаат каде да се изразат и да творат. Исто така, голема придобивка е и за студентите кои студираат џез музика на факултетите во Штип и Скопје. Знаете малку е чудно ако имате две џез академии во државата, а немате џез оркестар. Замислете да не постојат Националната опера и Филхармонија за оние што студираат класична музика. И секако, на мое огромно задоволство, во Македонија има публика за овој вид музика. Ова го зборувам од искуство гледајќи ја посетеноста на концертите што ги правевме изминатите 7 години како ЗЏМ Биг Бенд. Така што, јас и моите колеги сме благодарни и радосни што сме дел од оваа приказна и што ќе ја збогатиме културната музичка програма во државата.

Фото: Виктор Соколовски
Факт е дека со ЗЏМ направивте џез културата да стане многу попопуларна кај нас и да допре до поголема публика. Имавте ли моменти кога се колебавте дали вреди борбата за нешто повеќе? Дали се обесхрабрувавте?
– Имаше моменти кога се среќававме со различни проблеми во смисла на организација, финансии, простор за проби и слично, ама никогаш не се откажавме. На крајот, кога ќе го слушнеш аплаузот и задоволството на публиката си викаш вредеше сe.
Речиси нема концерт на кој вие не сте солист. Секогаш скромно реагирате и на аплаузите. Се замислувавте ли некогаш повеќе како солист или свирењето во оркестар е нешто што го посакувавте уште кога учевте на Џез академија во Грац?
– Јас секогаш гледам само да сум во полза на музиката. Ако се бара од мене да свирам соло, тоа и го правам. Не инсистирам да бидам солист. А секако свирење во биг бенд ми е предизвик уште од моите студентски денови.

Најавувате нов концерт, гостување во вашиот роден Штип. Ве фаќа ли возбуда дека токму во својот град ќе настапите?
– Штип е мојот град да, иако сум роден во Скопје (само сум роден таму). Нормално дека ме фаќа возбуда и драго ми е што првото гостување на Националниот џез оркестар ќе биде во Штип. Во Штип има суперпублика која еве, како што слушам, со нетрпение го очекува концертот. Ќе свириме џез композиции од Трајче Велков, Зоран Костадиновски, Гордан Спасовски, Сашко Николовски, Гоце Стевковски, Владимир Николов, Џијан Емин, Драган Ѓаконовски Шпато, Илија Пејовски.
Што ве очекува во наредниот период? Какви проекти се на повидок?
– Следно спремаме концерт на 16 март со наслов Џез Лектира на кој гостинка ќе ни биде Марија Димитријевиќ (вокал) и ќе се свири музика на Каунт Бејзи. Ќе имаме гостувања и во другите градови во државата, а потоа на гости ќе ни дојдат вистински ѕвезди во светот на џезот, но за тоа, кога ќе дојде време.
Фото: Маја Аргакијева





