Овој концерт е шанса да ја позиционираме Македонија на светската сцена, вели Оливер Арсовски
„Драги пријатели во Македонија. Јас сум Пласидо Доминго и возбуден што ќе настапам во вашата земја. Ова е моја прва посета и со нетрпение очекувам да се сретнам со македонската публика и да ја споделиме оваа специјална вечер заедно“, рече светската ѕвезда, тенорот Пласидо Доминго во видеопораката на вчерашната прес-конференција на која беше најавен неговиот концерт. Тој е втор од легендарните тројца тенори, заедно со Лучано Павароти и Хозе Карерас кој настапува во нашата земја. Карерас гостуваше на „Охридско лето“ во 2005 година.
Концертот на Доминго е закажан на 14 март во 21 часот во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје. Тој ќе настапи со оркестарот и хорот на Националната опера и балет. Диригент е Жорди Бернасер од Шпанија и сопранистката Марија Хозе Сири.

Оливер Арсовски (лево) и Кристијан Стефановски
Оливер Арсовски, директор на НОБ објасни дека концертот ќе биде во два дела: италијанска музичка литература со арии од композиторите Белини, Чилеа, Верди, Пучини и музичка литература од шпанското музичко творештво со неколку арии од оперетите на Штраус и Лехар.
Концертот го оргнанизира НОБ со поддршка на Министерство за култура и туризам во копродукција со „Прагма продукција“.
– Овој концерт е шанса да ја позиционираме Македонија на светската сцена – рече Арсовски.
Кристијан Стефановски од „Прагма продукција“ објасни дека преговорите не се одвивале лесно. Тој дополни дека светката ѕвезда немала посебни барања.
– Новите ѕвезди од Балканот повеќе бараат од една ваква ѕвезда. Билетите за овој концерт се продаваат и во Србија и во Бугарија и тоа ќе придонесе за туристичка промоција на Македонија – рече Стефановски.

Во својата 50-годишпна кариера Пласидо Доминго извел повеќе од 150 солистички улоги. Еден е од најпочитуваните имиња од класичната музика. Добил безброј признанија и престижни награди, меѓу кои и 12 Греми награди. Тој е и режисер и диригент, почесен уметнички директорот на фестивалот Arena di Verona и генерален директор на операта во Лос Анџелес и на Националната опера во Вашингтон.
Сопранот Марија Хозе Сири има повеќе од 150 настапи во улогата на Аида. Во Македонија гостувала во 2010 година на фестивалот Мајски оперски вечери. Гостува во врвни оперски куќи, низ Европа, Азија, Америка.
Жорди Бернасер соработува со Доминго од 2012 година. Тој е еден од врвните шпански диригенти денес. Редовно настапува во најпрестижните театри и со реномирани артисти.
Фото: Киро Попов / преземено од ppj.mk





