Светскиот џез-вокал Курт Елинг доаѓа во Скопје на концерт со Националниот џез оркестар

Елинг доаѓа во Скопје по фантастичниот концерт со Биг бендот на ЗЏМ (денес Национален џез оркестар) во ноември 2021 година во големата сала на „Ватрослав Лисински“ во Загреб. Тогаш хрватските медиуми не штедеа пофални зборови за концертот

Националниот џез оркестар го најави својот концерт со светскиот џез-вокал Курт Елинг, еден од најдобрите џез вокали на сите времиња, двократниот добитник на наградата „Греми“. Концертот ќе се одржи на 15 мај во Македонскиот народен театар во 20 часот, а диригент на концертот ќе биде Џијан Емин. Елинг доаѓа во Скопје по фантастичниот концерт со Биг бендот на ЗЏМ (денес Национален џез оркестар) во ноември 2021 година во големата сала на „Ватрослав Лисински“ во Загреб. Тогаш хрватските медиуми не штедеа пофални зборови за концертот. Хрвоје Хорват од „Вечерњи“ напиша:

„Елинг во Загреб одработи вистински тим-билдинг со ЗЏМ Биг бенд, со чии членови одржаа само две проби, но звучеа како да имаат многу настапи заедно зад себе. Дел од ова се должи и на проверените и непроменливи аранжмани што ги интерпертира Елинг.“

Зоран Стајчиќ рече дека едноставноста на концертот се огледувала во тоа што Елинг само за таа прилика беше придружуван од ЗЏМ Биг бенд.

– Станува збор за оркестар кој имаше забележителни настапи посветени на музиката на „Битлси“ и на „Рејдиохед“, а во една прилика имаше соработка и со Зиги Фајгл. На сцената на „Лисински“, ЗЏМ Биг бенд беше мек како свила, но „удираше и тврдо“ кога тоа се бараше. Малку е да се каже дека Македонците беа беспрекорни и нè „извозеа“ низ фасцинантиот настан во секој поглед. Според изборот на компзициите, ова беше концерт на надежта – песни за тешки времиња и тешки одлуки, но свртени кон подобра иднина – напиша Стајчиќ.

Од настапот во Загреб / Фото: Ненад Георгиевски

За Курт Елинг „Њујорк Тимес“ пишува дека токму тој е „извонредниот машки џез-вокал на нашето време.“ Според „Вашингтон Пост“, од средината на 1990-тите, ниту еден џез-пејач не бил толку смел, динамичен или интересен како Курт Елинг, додека Би-би-си Артс оценува дека тој „ја турка напред уметноста на џез пеењето, повеќе од било кој друг машки изведувач од неговата генерација.“

Елинг има вкупно десет номинации за награда „Греми“, од кои има освоено две награди за најдобар вокален џез албум за изданијата Dedicated to you (2009) и Secrets are the best story (2021).

Во текот на својата кариера соработува и снима со Вејн Шортер, Данило Перез, Дејвид Амрам, Ренди Бахман, Боб Белден, Џоан Бракин, Оскар Браун Џуниор, Џоди Кристијан, Били Корган, Орберт Дејвис, Џорџ Фримен, Бади Гај, Јон Хендрикс, Чарли Хантер, Боб Минцер, Бред Мелдау, Ли Ритенур, Џон Пицарели и Боб Шепард. Покрај неговиот бенд со кој најчесто настапува, Курт Елинг бил и член на Квартетот на Бранфорд Марсалис.

– Доколку на првите албуми композициите повеќе наликуваат на класичните џез стандарди, звукот на Елинг во последните години добива димензија плус, внесувајќи екстраваганција во музичкиот израз и експериментирајќи со класичните џез музички форми – велат од Националниот џез оркестар.

Билетите за концертот може да се набават online или на билетарницата на МНТ по цена на чинење: 3.000 денари (ложа), 1.500 денари (партер), 1.000 денари (галерија).

Сподели