Сопранистката Гонца Богоромова Краповски и француско-македонското дуо СолиПс што го сочинуваат флејтистката Елена Стојческа и гитаристот Ромен Петио ќе одржат концерт утревечер во 20 часот во малата концертна сала на Филхармонијата. Тие ќе изведат модерна музичка програма во која се вткајува оригинална уметничка инспирација.

Оригиналното дело „Океан во капка“ на македонската композиторка Дарија Андовска, специјално компонирано за овој настап, ќе ја доживее својата светска премиера. Исто така, на концертот за првпат ќе бидат изведени и две македонски традиционални песни, преработени повторно од Дарија Андовска за овој ансамбл.

Освен дела за дуо и за соло изведба, на програмата се застапени и три француски дела: Две поеми од Ронсар на Албер Русел, извонредното дело „Самогласки“ за соло флејта на Софи Лаказ инспирирано од поема на Артур Рембо и „Мирот почива во пустина“ на Жан-Кристоф Роза. Сите овие дела ќе бидат премиерно изведени во Македонија.

Италијанскиот композитор Масимилијано Месиери, чие дело „Сон во сон“ ќе биде изведено на концертот, ќе биде гостин на настанот.

Популарната Арија на Бахијана Бразилерас n°5 на Вила-Лобос ќе биде изведена во нејзината оригинална верзија за вокал и гитара.

Дуото „СолиПс“ е формирано во 2011 година и настапува на концерти и фестивали во Франција, Италија, Чешка, Сан Марино, Русија, Белгија, Босна и Херцеговина др. Дуото има афинитет кон репертоарот од 20 и 21 век. Соработуваат со бројни композитори, чии дела премиерно ги изведуваат.

Гонца Богоромова Краповски е уметник која своите достигнувања ги афирмира преку забележителна концертна дејност на домашната и меѓународната сцена. Како солист и камерен музичар соработува со еминентни домашни и странски ансамбли, диригенти, солисти и пијанисти. Работи како наставник по соло пеење и камерна музика при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје.

Масимилиано Месиери, роден во Болоња во 1964 година е италијански композитор и диригент. Неговите дела се изведувани низ Европа и САД. Како што пишува италијанската критика, „кај Месиери можете да слушнете извонреден баланс помеѓу стилски карактеристики на популарна музика од медитеранскиот регион и современа музичка техника“

Дарија Андовска е една од најизведуваните, најнаградуваните и најплодните македонски автори во 21 век, професор на Факултетот за музичка уметност при УКИМ.

Концертот е организиран во соработка со Францускиот институт и Министерството за култура.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.