Со премиерата на „Норма“ од Белини и палењето на фестивалскиот оган, вечерва во 19.30 часот започнува јубилејното издание на фестивалот, најавува генералниот директор на Националната опера и балет, Васо Ристов

Наметнувајќи се како културен симбол на современието, оперската манифестација Мајски оперски вечери, која благодарение на својот профил и специфика ги надминува границите на нашата земја и високо се позиционира во меѓународната сфера, годинава одбележуваме 50 години постоење. Во овие пет децении на фестивалските програми на сцената на Националната опера и балет беа најатрактивните дела од европската музичка литература, задоволувајќи го со тоа вкусот на публиката, почитувачи на оперската и балетска уметност – вели Васо Ристов, генерален директор на НОБ, каде вечерва во 19. 30 часот ќе биде запален фестивалскиот оган и ќе започна јубилејното издание на важната оперска манифестација. Со какви предизвици се соочува оваа институција, што се ќе може публиката да види, поразговаравме со Ристов.

Мајските оперски вечери годинава одбележуваат голем јубилеј со кој треба да сме горди. Како ќе се одбележат петте децении?

– Традиционално, со звуците на „Триумфалниот марш“ од „Аида“ и палење на фестивалскиот оган, во Националната опера и балет вечерва во 19.30 часот ќе бидат отворени јубилејните 50. Мајски оперски вечери. Оваа година, фестивалскиот оган ќе го запали нашата оперска примадона г-ѓа Милка Ефтимова.

Васо Ристов

На јубилејното, 50. издание на овој реномиран фестивал ќе се изведат некои од најубавите оперски претстави, како и две балетски претстави, со настап на реномирани домашни и светски режисери, диригенти, кореографи, оперски и балетски солисти. Наметнувајќи се како културен симбол на современието, оперската манифестација Мајски оперски вечери, која благодарение на својот профил и специфика ги надминува границите на нашата земја и високо се позиционира во меѓународната сфера, годинава одбележуваме 50 години постоење. Изминатите 50 години, на фестивалските програми на сцената на Националната опера и балет беа најатрактивните дела од европската музичка литература, задоволувајќи го со тоа вкусот на публиката, почитувачи на оперската и балетска уметност.

Поголемиот дел од оперските претстави се долги години присутни на редовниот репертоар на НОБ. На фестивалската сцена, изминатите пет децении продефилира елитата на домашното, европското и светското оперско исполнителство, која дава исклучителен придонес на  атрактивноста на самата манифестација. Така, од сцените ширум Европа (застапени се речиси сите европски држави) од светот (Америка, Африка, Азија и Австралија), учесници на голем број извонредни диригенти, оперски и балетски солисти со особено висок професионален пристап, квалитет и бравурозни перформанси. Секогаш присутни се и нашите вработени оперско балетски солисти кои прикажуваат висок квалитет на изведби како  македонски уметници.

Фестивалот ќе почне со премиера на „Норма“, опера која прв пат се поставува кај нас (ако не грешам). Каков предизвик беше да се постави ова дело на Белини?

– Трагична опера во два чина, една од водечките бел-канто опери во светската оперска литература, позната по магичната арија-молива на Норма Casta Diva. Делото го создаде авторска екипа која е докажана и етаблирана во својата професија.  Под диригентската палка на гостинот од Италија, Енрико Довико, во режија на Ренато Бонајуто (Италија), сценограф и костимограф: Флавио Арбети (Италија), коавтор на костимите: Марија Пупучевска, концерт-мајстор: Верица Ламбевска, хор-мајстор: Ѓурѓица Дашиќ, Јасмина Ѓорѓеска.

Во насловната улога ќе настапи Благица Поп Томова, во улогата на Полионе: Ѓорѓи Цуцковски, Адалџиза: Сандра Митровска, Оровезо: Иван Томашев (Србија), Клотилде: Марика Поповиќ, Флавио: Дејан Стоев, Деца: Василиј и Стефан Дашиќ, како и хорот и оркестарот на Националната опера и балет.

Сцена од „Норма“

Што ќе се најде на програмата на фестивалот?

–  Освен „Норма“, која ќе има изведба и на 11 мај, на фестивалот ќе биде изведен и балетот „Госпоѓиците од Авињон“, во офф-програма (14 мај), „Лучија од Ламермур“ од Гаетано Доницети (18 мај) и „Жизел“ од Адолф Адам (21 мај), „Турандот“ (26 мај). Во рамките на фестивалот, ќе биде промовирана монографијата  „50 години Мајски оперски вечери“ од д-р Александар Трајковски. Затворањето на фестивалот Мајски оперски вечери традиционално ќе биде со „Аида“ на 31 мај.

Имате исклучителна сезона, со многу настани, концерти и публика. Се враќа ли публиката полека но сигурно во МОБ, со оглед на ковид-рестрикциите?

– По двегодишната пандемија, со одлука на владата имавме период кој воопшто не работевме со физичко присуство, почнавме со онлајн-претстави на „Јутјуб“. Имавме одлична гледаност, како почнаа да се олеснуваат мерките многу внимателно почнавме со намален состав на оркестар, хор, дистанца на седење, маски, концертни изведби на опери, балети, почнавме со 30% публика, голема заинтересираност, се зголеми на 50% присутност од вкупниот број на седишта во салонот, 75% публика и конечно владата како ја донесе одлуката за укинување на мерките за во затворен простор веќе се враќаме во нормала со вкупниот број на седишта. Голем интерес, се бараше и се бара билет повеќе за секоја оперска и балетска претстава.

Без соодветен уметнички кадар една институција како НОБ не би можела да опстојува. Како стоите со обновување на неговиот состав, се отвораат ли можности за да се подмладува во сите дејности – опера, балет, хор, оркестар?

– За овој период од скоро 4 години како сум директор на Национална опера и балет оркестарот го пополнивме со млади уметници, хорот и балетот исто така. Вработивме многу уметници, уметнички кадар без кој не можеше да функционира Национална опера и балет

Со договор со Јапонија, НОБ доби освежување на музичката опрема. Влијае ли тоа позитивно на условите за работа за музичарите?

– Донација од овој вид нашата институција добива за прв пат. И покрај сите предизвици  како што беше со ковид-19, успеавме навреме да го реализираме овој проект. По тригодишно интезивно работење на овој проект со јапонската агенција „Џајка и Џајка балкан“, успешно го реализиравме проектот наречен „Проект за подобрување на музички инструменти, столици и пултеви,опрема за звук и осветлување на Националнаопера и балет” во вредност од 79.800.000 јапонски јени или 663.000 евра.

Националната опера и балет оваа сезона ја започна со новите музички инструменти, пултеви и столици за уметниците, како и опрема за осветлување и озвучување. Сите оперско и балетски претстави се со значително подобрен квалитет, како во оркестар така и со сцената на НОБ.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.