Светска премиера на „Убиј ги прво децата“ на Димитар Оровчанец вечерва во Сараево!

Филмот ќе го промовираат режисерот Оровчанец, продуцентот Атанас Георгиев, актерите: Миа Жиро, Стефан Спасов, Мартин Ѓоргоски, Марина Поп Панкова, Адриан Азири, Ненад Нацев и кастинг директорката Кирјана А. Николоска.

„Убиј ги прво децата“, дебитантски долгометражен филм по сценарио и режија на Димитар Оровчанец, ќе ја има својата светска премиера вечерва во 20.45 часот во рамките на 30. Сараевски филмски фестивал. Филмот е селектиран во Open Air програмата на фестивалот, а проекцијата е на локацијата Стари град во Сараево. Филмот ќе го промовираат режисерот Оровчанец, продуцентот Атанас Георгиев, актерите: Миа Жиро, Стефан Спасов, Мартин Ѓоргоски, Марина Поп Панкова, Адриан Азири, Ненад Нацев и кастинг директорката Кирјана А. Николоска.

Филмот е комична приказна за тинејџерка балерина, нејзинотт лудо вљубено момче и неговиот налудничав најдобар другар со украден полициски пиштол, кои се губат во најдлабоките лавиринти на скопското криминално подземје заради мобилен телефон што содржи компромитирачко видео.

„Убиј ги прво децата“ е поддржан од Агенција за филм на Македонија, во продукција на „Трис филмс“ и „ДМФ Филмс“. Продуценти на филмот се Атанас Георгиев и Дејан Илиев. Главните улоги ги толкуваат Миа Жиро, Мартин Ѓоргоски и Стефан Спасов. Во останатите улоги играат Александар Ѓорѓиевски, Стефан Вујисиќ, Марко Трајковиќ, Адријан Азири, Марина Поп Панкова, Лео Поповиќ, Атанас Тановски, Марија Јанчевска, Ненад Нацев, Александар Микиќ и други. Директор на фотографија е Владимир Самоиловски, дизајнер на продукција е Сашо Блажевски, костимите се на Илина Чолак, монтажер е Софија Самоиловска Јовановиќ, а композитори на музиката се Дарко Спасовски и Игор Василев – Новоградска.

Сараевскиот филмски фестивал е од „А“ класа и е еден од најголемите и највлијателни фестивали во поширокиот регион. Годинашни лауерати на фестивалот се актерката Мег Рајан, оскаровецот, режисер сценарист и продуцент Александар Пејн и актерот Џон Туртуро.

Во рамките на Open Air програмата, беше прикажан „По летото“ на Данис Тановиќ, а селектирани сепоследните остварувања на Квентин Дупие, Емануел Коркол, Рајко Грлиќ и други.

Сподели