Македонско-грчкиот копродукциски филм „Киука – Пред летото да заврши“ во режија и по сценарио на Костис Харамуданис ќе има светска премиера на Канскиот филмски фестивал што ќе се одржи од 15 до 24 мај. Филмот ќе биде прикажан како дел од програмата ACID. Македонски малцински копродуцент е „Лист продукција“ со Марија Димитрова и Игор Иванов, а грчки партнер е „Херетик“ од Грција како главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
Филмот е приказна за тричлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената која ги родила и ги напуштила уште во најраното детство. Со тоа почнува едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, додека долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филмови, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, додека пост-продукцијата се работеше на релација Атина – Скопје. Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду. Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студијата за пост-подукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.