Филмската приказна на режисерот Горан Столевски, „Домаќинство за почетници“, што се занимава со универзалните вредности на семејството, ќе ја има својата светска премиера денеска во 17 часот на големиот Филмски фестивал во Венеција. Филмот е по сценарио на Столевски и е негов прв мнозински македонски фулм, по „Нема да си сама“ и „Доволно возрасни“. Филмот е на „Лист продукција“ од Скопје. Филмот утре во 15.30 часот ќе ја има и првата реприза. „Домаќинство за почетници“ ќе биде дел од натпреварувачката програма „Хоризонти“, во конкуренција за наградите за најдобар филм, најдобра режија, најдобро сценарио, специјална награда од жирито и најдобра машка и женска улога.

„Домаќинство за почетници” е финансиски поддржан од Агенцијата за филм. Сценариото за филмот почна да се развива токму во Венеција на „Биенале колеџ синема“ во 2019 година.
-Во меѓувреме имавме прекрасно креативно искуство и створивме безброј убави спомени со нашата неуморна, феноменална екипа составена од ценети ветерани и возбудливи дебитанти. Мило ми ешто сите емоции кои заедно ги вложивме во снимањето се најдоа и во завршениот филм, од кој бескрајно се гордеам, изјави режисерот Горан Столевски.
Главните улоги во филмот ги толкуваат: Анамариа Маринка (позната по филмот “4 месеци 3 недели 2 дена” (2007) на Кристиан Мунгиу) и Алина Сербан од Романија, Владимир Тинтор од Хрватска, Самсон Селим, Миа Мустафа и Џада Селим од Македонија. Во споредните улоги се: Сара Климоска и Ајше Усеини од Македонија и Розафа Целај од Косово и многу други професионални и непрофесионални актери од Северна Македонија. Снимањето на филмот се одвиваше во јули 2022 година во Скопје, а додека пост-продукцијата се работеше на релација Европа – Австралија и тоа во Мелбурн, Аделаида, Гетеборг и Варшава.

Денеска на програмата на фестивалот е и премиерата на „21 ден до крајот на светот“ – краток филм на Теона Стругар Митевска, како дел од програмата „Денови на авторот“.
-Да се поместуваат градници и да се излезе од удобна зона – тоа е најголемиот предизвик за секој уметник. Станува збор за филм за да ја наминам фрустрација додека чекам. За луѓето што се во филмската уметност, ова го разбираат. Ние синеастите го поминуваме животот чекајќи за проект да биде одобрен, да биде финансиран, продаден, да го примат на фестивал, да биде номиниран и сл. Па, одлучив да престанам да чекам и да го почнам филмот што никогаш не завршува, а „21 ден до крајот на светот“ е првиот во редицината филмови што не завршуваат. Во моментов го монтирам ЈАТ (Just ask Teona – Само прашај ја Теона), краток филм и продолжение. Тоа што ме приомија на „Денови на авторите“ во Венеција е доказ дека се е можно, има многу начини да се изразиме самите себе, и се додека некој има нешто да каже, идејата ќе се оствари. Она што е програмата Director`s Forthnightза Кан, тоа е оваа програма за Венеција. Филмски режисери селектираат режисери тоа е суперчест за мене. Тоа што сум во иста селекција со краткиот филм на Селин Шиама е голема чест – тоа е вид феминистички манифест предложен од селекторите на програмата – вели Митевска и додава:
Два македонски филма во ист ден, тоа е извонредно достигнување за нашата кинематографија. Јас многу се гордеам со Горан и со моите колеги од Македонија што работеа на филмот. Долго да живее слободата на изразување, долго да живее филмот! -изјави Митевска.
Меѓународниот филмски фестивал во Венеција (Мостра) почна на 31 август, а во конкуренција за наградата „Златен лав“ се наоѓаат вкупно 23 филмски остварувања. По повод 80-годишнината од постоењето на фестивалот, во трката за престижната награда во годинашната конкуренција се филмовите на прославените режисери Лик Бесон, Бредли Купер, Дејвид Финчер, Софија Копола, Мајкл Ман, Роман Полански и други.





