Светска премиера на „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски во Флорида

Долгометражниот игран филм „Бизнисот на задоволството“ на режисерот Гоце Цветановски во април ќе ја доживее својата светска премиера на престижниот Интернационален филмски фестивал „Палм Бич“ во Флорида, САД. Цветановски кој е и сценарист на филмот вели дека најголема желба му била светската премиера да биде токму во САД – земја што ја доживува како центар на филмските случувања во светот.

– Првите чекори секогаш се најважни и можам да кажам дека мојот сон се оствари. Ѝ честитам на целата екипа за овој успех. Нашиот проект ќе биде прикажан во конкуренција со некои од најдобрите независни филмови во САД и во светот – вели Цветановски.

Гоце Цветановски

Филмот е трилер и ја обработува темата за трговија со жени, а во Македонија беше промовиран со работниот наслов „Денот на жената“. По учеството на American Film Market во Лос Анџелес и договорот за дистрибуција со американската компанија „Принц филмс“ филмот беше преименуван. Од продукцијата сметаат дека новиот наслов е попровокативен и подобро ќе го претстави ова дело пред публиката.

Улогите ги толкуваат: Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска. Директор на фотографија е Фејми Даут, кој по успехот со „Медена земја“ за првпат се потпишува како кинематографер на долгометражен игран филм.

Интернационален филмски фестивал „Палм Бич“ важи за еден од најдобрите 25 фестивали за независен филм во светот. Организаторите на фестивалот велат дека нивната мисија е откривање и развивање на нови и независни филмаџии на денешницата и иднината, и препознавање на оригинални визионери низ целиот свет.

Исмаил Касуми

„Бизнисот на задоволството“ е снимен со поддршка на Агенцијата за филм. Цветановски на македонската публика ѝ е познат преку серијалот „Светот на Биби, а подолго време работи и на првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата.

Насловна фотографија: Слаѓана Вујошевиќ
Фото: Маја Аргакијева

Сподели