Композицијата „даМар“ за соло виола и гудачки оркестар на нашата композиторка Дарија Андовска ќе ја доживее својата светска премиера на 2 јули во Белград. Композицијата ќе ја изведе ансамблот „Метаморфозис“, кој и го нарача ова дело од македонската современа композиторка.
„Метаморфозис“ е еден од водечките ансамбли на Балканот и за мене е голем комплимент нивната нарачка, иако ова не е прв пат да соработуваме, вели Андовска.
Неодамна нејзината композиција Zugzwang за виолина, пијано, перкусии и електроника беше селектирана од над 200 композиции од целиот свет за изведба во рамките на 29. Меѓународна трибина на композитори во Белград, токму од овој ансамбл. Композицијата на Андовска се најде меѓу 38 дела на автори од: Србија, Македонија, Велика Британија, Германија, Унгарија, САД, Русија, Словачка, Хрватска, Јапонија и од Белгија.
– Во Белград сум прилично често изведувана, почнувајќи од моето прво учество на Меѓународната трибина на композитори во 2002, со композицијата „Шест хаику пиеси“ за гудачки оркестар. Пред скроешната изведба и снимање на Zugzwang, последен пат во Белград во 2019 на БИТЕФ се изведе мојата FairVent за гудачки оркестар, перкусии и електроника, по нарачка, посветено и во изведба на меѓународниот No Borders Orchestra – вели Андовска.
Таа споделува и една анегдота за нејзината застапеност на концертните програми во српскиот главен град.
– Колку често ми се изведувани композиции во Белград можете да заклучите од една интересна случка во 2019 година: летото бев само во посета на моја драга колешка. Додека бевме седнати на кафе, помина некој нејзин пријател и од далеку ми довикна „Ćao Darija“. И јас и колешката бевме збунети, па таа го праша од каде ме знае, на што тој одговори: „од фотки из оних књижица на концертима“, мислејќи на програмчињата за концерти – вели Андовска.