Издавачката куќа „Матица македонска“ ја објави монографијата „Светлосни записи“ – нова книга од Цветан Гавровски, национален мајстор на фотографијата и ЕФИАП (Excellence FIAP) на Светската федерација на фотографска уметност. На 390 страници, со двата циклуса, црно-бело и колор се репродуцирани околу 200 авторски фотографии.
Златко Теодосиевски, историчар на уметноста и ликовен критичар, во поговорот на книгата пишува дека книгите од овој тип, особено од автори како Цветан Гавровски, се незаменливо „помагало“ во нашето разбирање на фотографијата и нејзиното прифаќање како дел од уметничкото семејство на визуелните уметности.
– Во конкретниот случај, фотографиите на Гавровски ни ја откриваат таканаречената лајф или улична фотографија во сета нејзина величественост. Покрај портретот, тој фотографски жанр е веројатно првороденото дете на новооткриениот медиум наречен фотографија, задоволувајќи ја потребата на човекот да го овековечи своето опкружување, светот односно животот околу него – вели Теодосиевски.
Книгата „Светлосни записи“ е на македонски и на англиски јазик со што е достапна за поширока публика и отвора можност за интеркултурен дијалог преку визуелна уметност, а истовремено и натамошна афирмација на дострелите на македонската фотографија, преку опитот на нашиот национален мајстор на фотографијата.
Гавровски (1947) е доктор на технички науки од областа на електрониката. Во професионалната кариера беше редовен професор а Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Арт фотографијата е негова длабока посветеност, патување, и уметничка визија која се развива низ времето и просторот. Учествувал на над 200 групни изложби во светот. Автор е на 15 самостојни изложби и добитник на бројни престижни награди на меѓународни компетитивни салони. Ја претставуваше македонската фотографија со фотографии во колекциите на светските изложби во Кина (1997, 2006), Швајцарија (1999), Италија (2001), Унгарија (2004), Луксембург (2004), Словачка (2008), Ирска (2009), Индонезија (2015), Кореја (2016), Шпанија (2012, 2019). Во 2020 година, „Матица македонска“ ја објави неговата книга „Сликање со светлина“.





