На малата сцена на Националната опера и балет утревечер (14 јуни) во 20 часот ќе биде изведена операта „Свадбата на Фигаро“ од Моцарт. Претставата е на „Балкан опера студио“ во копродукција со Оперското студио при Театарот на Литванската национална опера и балет и нашиот оркестар „Профундис“, под диригентската палка на Ѓурѓица Дашиќ
Исклучителна екипа составена од врвни професионалци и млади надежи работеше на поставката на ова оперско дело. Режијата и продукцијата се на Љупка Јакимовска и Дамјан Попоски, музичкиот директор на Оперското студио при Литванската национална опера и балет Раминта Лапсатис ќе настапи на чембало, а соработник на пијано е Јанинка Невчева. Насловниот лик му е доверен на Јонас Сакалаускас, а на сцената ќе му се придружат Емилија Финагејеваите, Невен Силјановски, Јулија Каралиунаите, Силвија Плешке, Миндаугас Мишкинис, Лауринас Аксамитас, Мартина Мокшецкаите и Марко Димовски. Во улогата на грофицата Алмавива, како специјална гостинка, ќе настапи првенката на Литванската опера, Јоана Гедминтаите.

Влезот за претставата е слободен, во согчасност со капацитетот на салата. Организаторот „Балкан опера студио“ им се заблагодарува на Националната опера и балет, директорот Васо Ристов и уметничкиот раководител на Операта, Дејан Прошев за соработката и поддршката.





