Супститут наместо оригинал

Иако бројни примери на супститути во заштитата поврзани со рушење на оригинални горни партии и поставување нови оловни покриви на бетонска подлога, се пројавени во втората половина на минатиот век, најголемиот број на новини неприлични за дејноста реставрација се продукти на периодот 1991-2023 година

Пишува: Донка Барџиева-Трајковска, претседателка на Центарот за културно наследство

Повеќе од десет години сме присутни во јавноста со текстови и апели кои укажуваат на лошата состојба на културното наследство. Во 2012 година, како Здружение на граѓани „Центар за културното наследство – Скопје“ извршивме мониторинг на култорното наследство (мултиетничко по својот карактер) и во јануари 2013 година организиравме изложба на фотографии посветена на состојбата која ја затекнавме, со предлог мерки за итна санација и реставрација (финансирани од ФООМ, Скопје). Дополнително, во текот на годината организиравме изложби и трибини во неколку градови во државата. Додека ова се случуваше, актуелна власт веќе неколку години програмски вршеше обнови/ре-креации, на неколку значајни археолошки локалитети, го „возобновуваше“ Плаошник и забрзано го градеше „Скопје 2014“.

Овој проект им го понуди на граѓаните како супститут на оригиналните високи вредности на наследството кое го стави на маргините, оставајќи го да пропаѓа. Тогашната опозиција која беше во силен „залет“ беше единствениот политички субјект кој покажа интерес за заштитата и ветуваше реформи во оваа дејност. Така, во 2017 година дојде на власт новата реформаска влада и отпочнаа реформите кои беа инкорпорирани во Националната стратегија за култура (2018-2022). Патот на реформите беше краток и заврши многу брзо, заедно со префиксот „реформска“ на актуелната влада предводена од СДСМ. Во кратката историја на оваа „реформска“ Влада, за реформите може да прочитате само во Националната стратегија за култура и во дузина елаборати изработени за Министерството за култура.

Понудениот супститут „Скопје 2014“ после цели шест години (овој пат како призрак од лош хорор филм) сведочи за политичките калкулации и на оваа власт со оригиналните вредности на културното наследство. Институциите ниту го реставрираат соодветно културното наследство, ниту го „чепкаат супститутот.“ Со тоа што не се „чепка“, направено е своевидно равенство помеѓу двете крајно противречни категории – оригинал и супститут, овозможувајќи му на вториот/лажниот, да стане субјект, како вредносна категорија. Она што е битно е прашањето: Зошто создаваме супститути кога имаме толку значајно културно наследство? Зошто супститутите никој не смее да ги „чепне“, а оригиналите ги оставаме да пропаѓаат? И тука не мислам само на „Скопје 2014“. Супститутот одамна е практициран и во реставрацијата, како однос кон културното наследство. И повторно го поставуваме истото прашање: Зошто ги уништуваме оригиналите и од нив правиме супститути? Зошто го ре-рекреираме Скопското кале и Охридската тврдина, зошто го „возобновуваме“ археолошкиот локалитет Плаошник, криејќи се под плаштот на Великиот св. Климент Охридски и неговиот универзитет? Зошто од прекрасните оригинални примероци на охридската куќа, правиме супститути? И уште многу скриени и откриени супститути, се направени на византиските цркви почнувајќи од Нерези, преку Курбиново до Перивлепта, Старо Нагоричане, Никита, Св. Андреа на Матка… Сознанието за ваквата состојба е страотно поразително, мачно и тешко за прифаќање затоа што е надвор од секакво здраворазумско поимање. И, бидејќи знаеме и сме биле во повеќе земји каде делата кои се стари но одржувани, негувани со посебна грижа, таму не е предложен супститут. Впрочем, кој сака да оди во музеј за да гледа супститути наместо оригинали?

Плаошник, Охрид

Иако бројни примери на супститути во заштитата поврзани со рушење на оригинални горни партии и поставување нови оловни покриви на бетонска подлога, се пројавени во втората половина на минатиот век, најголемиот број на новини неприлични за дејноста реставрација се продукти на периодот 1991-2023 година. Во последните триесеттина години додавањето на нови форми и облици, менување на стари конструкции, употреба на нови несоодветни иреверзибилни материјали, хипотетички „реставрации“, „факсимилни реконструкции“ (на целосно зачувани историски градби), ре-креации на спомениците на културата… станаа негативни белези на заштитата во Македонија. Многу негативни примери кои се појавија на почетоците на заштитата во Европа, кај нас се трансформираа во состојба на дух, обележувјќи ја заштитата и реставрацијата на цела една епоха и оставајќи трајни последици на состојбата на живописот во византиските цркви. За разлика од деветнаестовековните архитекти – реставратори, кои под реставрација подразбиле „подмладување“ на градбата, нашите архитекти-конзерватори ги отстрануваат оригиналните делови од византиските цркви заради непознавање на стариот конструктивен систем и отсуството на желба да го запознаат во самиот процес на истражувачките работи и „реставрацијата“.

Во овој контекст ќе споделам еден позитивен пример, со кој изразувам длабоко почитување кон мојот поранешен директор Драги Тозија, исклучително образован, прониклив, строг, но праведен човек. Во 1981 година бев веќе три години вработена во Републичкиот завод за заштита на споменици на културата, како референт за средновековни споменици на културата (од 9 до 14 век), на местото кое го држеше Петар Миљковиќ-Пепек, кој замина како професор на Филозофскиот факултет. Паметам кога ме повика директорот и ми рече дека вчера биле со Никола Ничота во Нагоричане, разговарале за состојбата и дека е потребно да се изработи проект за покривање со олово. Ми вели:

– Вие преземете ја работата околку изработката на проектот.
– Да, му велам, нема проблем. Ќе изработиме проект за покривање со олово, доколку откриеме дека црквата била покриена со олово.
А тој ме гледа зачудено и ми вели:
– А како ќе откриете со што била покриена црквата?
– Па, со истражувачки работи. Ќе направиме програма за истражувачки работи, ќе отидеме на терен и ќе направиме сонди на покривот. Ако откриеме олово ќе направиме таков прект.

Цртеж од откриените ќерамиди во „Св. Ѓорѓи“, Старо Нагоричане

Ме слушаше со внимание, но со видливо неверување во неговиот поглед. По краток молк, ми предложи рок од неколку денови за да направам програма за истражувачки работи и да му ја доставам. Ако го убедам, ќе ги започнеме истражувачките работи… И така се случи првата програма за истражувачки работи на покривот на црквата „Св. Ѓорги“ во село Старо Нагоричане. Добро почнаа работите, откривме оригинален покрив од глеѓосани керамиди во варов малтер. Тоа беше извонредно изработен цел еден систем на покривање кој денес останува сè уште непознат. Токму затоа служат истражувачките работи кои го откриваат оригиналот, системот, функцијата и обликот. За жал, десет години подоцна оловото ги замени оригиналните глеѓосани ќерамиди кои можат да се видат сега само на цртеж, а супститутот на покривот кој направи огромна штета на живописот беше обновен со новите ресравраторски работи. Така, напорите да се чуваат оригиналите, нивната функција и изглед, се неуспешни до ден-денес.

Но, за секој проблем може да се најде решение доколку постои добра воља. Во светот постојат и добри примери на реституција со отстранување сите новододадени елементи во структурата на спомениците на културата барем кога станува збор за византиските цркви, а тоа е манастирот Хора или Зејрек џамија во Цариград. Убаво е да се сподели искуството на колегите од Турција. Имено, откако беа констатирани драстични промени на живописот истражувачките работи покажаа дека целиот покрив бил поставен врз земјен тампон. Раководејќи се од тој првокласен податок, колегите пристапија кон еден вид реституција, го вратија земјениот тампон за да ја врши првобитната функција. Можеби тоа е мал исчекор кон полна реституција, но насоката – превасходно почитувањето на оригиналот дава резултати. Но, за да може да отпочнат процесите на реституција, државата е должна да го реформира целиот систем во заштитата и да отпочне спасувањето на она што е останато.

Фото: Центар за културно наследство

Сподели