Во галеријата на Факултетот за ликовни уметности во Скопје вечерва во 20 часот ќе биде отворена 35. изложба „Студентска графика – Драгутин Аврамовски-Гуте“. Ќе учествуваат студенти од сите студиски години на катедрите по графика и по ликовна педагогија – насока графика. Изложени ќе бидат и плакати дизајнирани од студентите од 3. и 4. година кои ја посетуваат наставата на модулот Графички дизајн.

Ќе биде доделена и наградата за најдобро изведено графичко дело во академската 2020/21 година – диплома, еднократна парична награда од семејната Фондација „Драгутин Аврамовски – Гуте“ и можност за самостојна изложба во текот на следната академска година во галериите на ФЛУ. Од оваа година го збогатува наградниот фонд со втора и трета награда и со стипендии за следната академска година за наградените студенти.

Изложбата на организира ФЛУ. Фондацијата „Драгутин Аврамовски-Гуте“ ја доделува наградата од 1988 година, кога за прв пат постхумно е доделена во чест на професорот, еден од основачите на Катедрата по графика.

– Оваа изложба 35 години го привлекува вниманието на студентите, но и на пошироката јавност – велат организаторите.

Досегашни добитници на наградата се: Виолета Чаповска, Валентина Стефановска, Дејан Стојановиќ, Александар Прилепчански, Гордана Даутовска, Оливер Мусовиќ, Весна Величковска, Давид Георгиевски, Милан Андов, Александар Тасески, Александар Димовски, Јован Јовановски, Марија Најденовска, Даниела Јордановска, Гоце Трајковски, Елена Стојанова, Никола Арсовски, Македонка Величковска, Андријана Начевска, Маја Ковачевска, Горан Трпков, Милан Костадиновски, Никола Бојаџиев, Ана Јовановска, Мила Трендафиловска, Марко Илиевски, Ема Наумоска, Ѓорги Динев, Стефан Младеновски, Дејвид Стоилковски, Југослава Василеска и Стефан Божиновски.

Дизајн на плакат: Ивона Младеновска

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.