Студентите во студентските домови во Скопје ќе рециклираат пластика

Државниот студентски дом – „Скопје“ набави машини за рециклирање пластика наменета за студентите кои престојуваат во студентските домови со цел да се намали отпадот, да се подигне свеста за рециклирање и зачувување на животната средина. Покрај глобалната придобивка – зачувување на животната средина и зацврстување на навиките за рециклирање, со студентската картичка тие ќе можат да вршат и т.н. „поврат на средства“. Средствата ќе се враќаат на студентското салдо со секое рециклирано пластично шише и алуминиумска амбалажа.

На овој начин, цената за престојот и храната во студентските домови се намалува, но следат и други низа поволности. Студентите кои ќе ја имаат оваа картичка ќе можат да пазаруваат во други објекти со попуст, а се подготвува и продлабочување на мрежата каде сè ќе може да се користи оваа картичка. Покрај студентите во домовите, ќе можат да рециклираат и вработените во истите.

– Набавката на машините за рециклирање исто така ќе придонесе на долг рок кон подобрување на условите на студентските домови, што е во рамките на нашата мисија – студентот да има пристојни услови за учење и творењe – изјави Виктор Велевски, директор на Студентските домови „Скопје“

Студентските домови на овој начин демонстрираат претприемништво и се добар пример за сите институции да почнат размислуваат „надвор од кутијата”. Менаџментот на Студентските домови досега успеа да најде начин за алтернативни приходи, а со тоа и да се самофинансира, а со тоа да обнови дел од капацитетите на домовите.

Сподели