Во педесеттите години на минатиот век поголемиот дел од жителите зборувале на македонски јазик, во 1980-те работите почнуваат да се менуваат

Студенти кои посетуваат настава по македонски јазик во Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта, студенти од Македонија и нивни пријатели викендов беа на еднодневна екскурзија во Белојанис, село на околу седумдесеттина километри од Будимпешта. По иницијатива на студентот Атила Токаи, во организација на Лекторатот по македонски јазик, тие ја посетиле населбата изградена во 1950 година за бегалците од Граѓанската војна во Грција, односно бегалците од Егејска Македонија. Селото било наречено според Никос Белојанис, комунистички водач и борец на отпорот.

Студентите со Ристо Николовски (лево)

– При прошетката на селото имавме можност да разговараме на македонски јазик со неколку локални жители, а Ристо Николовски ни раскажа дел од историјата на селото, голготата на децата бегалци и нивното доаѓање во Унгарија. Според него во педесеттите години на минатиот век поголемиот дел од жителите зборувале на македонски јазик, во 1980-те работите почнуваат да се менуваат. Дел од жителите се раселуваат низ Унгарија, односно Будимпешта или заминуваат во други земји, пред сè во Југославија, а дел се враќаат во Грција (Егејска Македонија) – вели м-р Златко Панзов, лектор по македонски јазик на Институтот за славистика и балтичка филологија при Универзитетот ЕЛТЕ, Будимпешта, докторанд на Докторската школа за книжевност при ЕЛТЕ.

Интересен е податокот дека театарската група во која членувал Николовски ја поставува и игра Македонска крвава свадба од Чернодрински, но и други македонски драми. За животот на Македонците во Белојанис сведочи и документарниот филм „Бегалците од Егејска Македонија – Белојанис (Унгарија)“ снимен во 1990 година во продукција на Радио телевизија Скопје.

Улица „Делчев“

Според официјалните податоци денес околу 60 птсто од жителите на селото се Унгарци, дел се декларираат како Грци, а дел не се декларираат никако. Останата е само една улица која го носи името Делчев, како сведоштво на животот на Македонците во Белојанис, која според кажувањата на Николовски успеале да ја добијат со големи напори и маки.

– Во изминатите неколку години сè поголем број потомци на бегалците од Егејска Македонија, внуки и внуци на некогашните жители на Белојанис, се обраќаа до Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта, со желба да го изучуваат македонскиот јазик и да се запознаат со македонската култура. Со себе носат по некој збор останат од нивните баби и дедовци и некое посебно чувство за идентитет, односно желба за реоткривање на македонските корени и македонски идентитет што уште тлее во нив – вели Панзов.

Фото: Златко Панзов

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.