Студенти на ФЕИТ првопласирани на светското финале IEEE SPS Cup 2023

Тимот Neuro FEEIT составен од студенти на Факултетот за електротехника и информациски технологии e првопласиран на светското финале на студентскиот куп за процесирање на сигнали IEEE SPS Cup 2023. Натпреварот го организира одделот за процесирање на сигнали IEEE SPS и Центарот за истражувања во невровизуелизација и наука за податоци (TReNDS) при Институтот за технологија на Џорџија, САД. Тимот беше воден од магистрантката Даниела Јанева, а во него учествуваа додипломците: Матеа Ташковска, Стефан Крстески, Ана Крстевска, Ангела Мешкова, Душан Мерџановски, Марио Величковски и Марко Палоски. Ментор на тимот беше вон. проф. д-р Бранислав Геразов.

Задачата оваа година е развој на систем за диференцирање на шизофренијата и биполарната психоза користејќи функционална магнетна резонанца во состојба на мирување (rsfMRI). Финалето на натпреварот ќе се одржи на 5 јуни 2023 во Родос, Грција, во рамките на најголемата светска конференција од областа на процесирање на сигнали ICASSP 2023.

Нашите студенти во глобална конкуренција се првопласирани на престојното финале според рангирањето на платформата Kaggle. Второ и третопласираните тимови со кои ќе се натпреварува тимот на ФЕИТ се од Универзитетот за инженерство и технологија на Бангладеш и Институтот за технологија на Израел.

Сподели