Драмски театар учествува на Меѓународниот фестивал РУТА Група Триглав кој по втор пат се одржува во Белград од 30 ноември до 6 декември. Драмски театар завчеравечер ја изведе претставата „Странци“ во режија на Нела Витошевиќ. Актерската екипа ја сочинуваат: Игор Ангелов, Ирена Ристиќ, Биљана Драгиќевиќ – Пројковска, Зоран Љутков, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ и Предраг Павловски.

Актерката Биљана Драгиќевиќ – Пројковска во 2019 година на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп ја доби награда за најдобра епизодна улога.

Освен „Странци“, на фестивалот учествуваат и: Белградски драмски театар, Србија, со претставата „Living Room“ во режија на Ерсан Мондтаг , Театар „Улисис“, Хрватска со претставата „Носорог“ во режија на Ленка Удовички, Градски театар Љубљана, со „Седум дена“ во режија на Жига Дивјак, „Камерен театар 55“ од Сараево со претставата „Шиндлеров лифт“ во режија на Кокан Младеновиќ и Градскиот театар од Подгорица со „И коњите ги убиваат, зар не?“ во режија на Младеновиќ.

Основната цел на фестивалот е поврзување на шест репрезентативни куќи од поранешниот сојуз во естетска, репертоарска, но и организациона смисла. Ова претставува одлична можност театарските куќи да се презентираат и промовираат во регионот и секако да се направи пат за понатамошни ко-продукции или други форми на соработка.

Уникатноста на РУТА е нејзиниот модел на функционирање. Во текот на една календарска година ќе се одржат 6 фестивали во сите земји – членови на унијата. Секој театар може да настапи со претстава по сопствен избор. Фестивалот има ревијален карактер и една од целите е во текот на годината да се задржи континуираното присуство на овие театри пред домашната публика. Првиот фестивал се одржа во декември 2019 година, во Белград, Р. Србија, а вториот во март, 2020 година во Подгорица, Црна Гора. За жал, со оглед на пандемијата, фестивалот мораше да направи пауза додека не е создадоа услови за негово продолжување кое се случи во месец август, 2021 година, на островот Бриони, во Хрватска. Следниот фестивал треба да се одржи во Словенија кон средината на февруари 2022 година.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.