Генералниот штрајк на Самостојниот синдикатот за образование, наука и култура ќе продолжи и денеска. На вчерашната седница, СОНК одлучи да не го прифати предлогот на Владата, за покачување од 10 отсто на платите со кој би се прекинал штрајкот почнат на 11 април.
Една од причините зошто овој предлог не е прифатен од СОНК, е зошто истиот бил предложен усно, а не во писмена форма, информираа од СОНК, од каде додаваат дека над 95 отсто од синдикалните организации на СОНК се изјасниле за отфрлање на дадената усна понуда.
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков на прес-конференција рече дека членовите на СОНК реагираат на несериозниот пристап на надлежните кои, како што наведе, скоро два месеца преговараат со претставници на СОНК, а реално не даваат никаков конкретен предлог на доставените писмени барања од страна на СОНК.
– Членовите на СОНК констатираат дека ваквиот пристап од страна на Владата не води во правец на брзо решавање на проблемот и прекинување на штрајкот. Зголемувањето на платите од 10 проценти во детска заштита, основно и средно образование воопшто не кореспондира со висината на зголемување на минималната плата оваа година и не е соодветна стимулација за враќање на достоинството на професијата, рече претседателот на СОНК.
На прашањето како ќе се надомести пропуштената настава, првиот човек на СОНК објаснува дека скратената наставна програма предвидува наставната содржина да се реализира во целост во позбиена форма или со поголема динамика.
– Нашето убедување како наставници е дека учениците нема да бидат скратени од понудата и можност да надоместат за тоа што сега го имаат изгубено. Имаме искуство, сме работеле и друг пат во такви услови и за време на пандемијата кога наставните часови беа 30 минути, а требаше истата содржина да се реализира во рамки на 30 минути. Досега наставниците имаат изгубено зависи кој наставен предмет, еден, два или три, евентуално пет наставни часа ако е математика или јазик меѓутоа секој од наставниците знаат како тоа да го надоместат – рече Неделков.
Фотографија: МОН