„Страхиња Бановиќ“, победникот на Карлови Вари, ќе го отвори фестивалот „Киненова“

Со филмот „Страхиња Бановиќ“ на Стефан Арсенијевиќ, на 27 октомри во киното „Милениум“ ќе започне Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“. Филмот на Арсенијевиќ е актуелен победник на престижниот фестивал од А-категорија – Карлови Вари.

Покрај филмовите кои се дел од натпреварувачката програма, годинава во фокус се и филмови од Ирска, Франција, Австрија, ќе бидат прикажани и филмови од „Лукс програмата”, како и краткометражни македонски и странски филмови.
Горд што и во услови на сериозна светска криза и многу отежнати услови на функционирање, особено за филмската уметност, „Киненова“ овие предизвици прилично успешно, па дури можам да кажам дека се случи сериозен исчекор и развој на фестивалот, особено програмски.

– Оваа година, фестивалот полека се враќа на класичниот формат на одржување во живо, но сепак ќе ја продолжиме и традицијата отпочната од лани со емитување на дел од фестивалската содржина на ТВ24. Фестивалот оваа година и покрај намалената светска продукција на филмови и исклучително проблематичната дистрибуција на истите, обезбеди доста концентрирана програма, која ќе им овозможи возбудлива авантура на гледачите. „Киненова“ годинава ќе ја слави македонската кинематографија и делото на македонските филмски уметници на начини кои ќе ги објавиме наскоро – рече Небојша Јовановиќ, директор на фестивалот.

Сите филмови освен отворањето ќе се прикажуваат во Кинотеката.
Програмскиот селектор на „Киненова“, Игор Анѓелков не ја крие радоста што официјалната селекција на филмови се враќа таму каде што и е местото – на големиот екран во затемнетата киносала.

– Единствено таму публиката може да ја доживее моќта на подвижните слики на дебитантите од различни кинематографии, кои во светот полн со илузии, ги создаваат можеби најсилните остварувања во седмата уметност во денешно време. КинеНова и оваа година им отстапува простор на осум моќни, нови гласови чии филмови ќе се борат за престижните фестивалски награди. Годинава решивме да им отстапиме простор на две документарни остварувања кои обработуваат исклучително интересни теми. „Киненова е благонаклонета и кон помалите кинематографии, па имаме и еден филмски претставник од Косово, кој е вистински прирачник за реализација на мал, но силен филм. Полската и грчката кинематографија се во наш редовен фокус, додека португалскиот филм ни приреди вистинско позитивно изненадување – рече Анѓелков и изрази посебно задоволство што во официјалната програма го имаат и ланскиот победник на фестивалот во Сан Себастијан, грузискиот „Beginning“ во режија на Деа Кулумбегашвили.

Насловна фотографија: Сцена од филмот „Страхиња Бановиќ“

Сподели