Институтот за дизајн и технологија – ИДТ од Скопје и Школата за дизајн и уметност „Џолев и уметностите“ почнуваат уникатна програма за стипендирање, каде што за првпат во процесот се вклучуваат и компаниите. Пилот-програмата почнува со Академијата за UX/UI plus, која е проширена и го опфаќа целокупниот развој и дизајн на софтверски решенија базирани на веб, покривајќи ги едни од најбараните работни позиции на денешницата: UX/UI дизајнер, WordPress и Front-End девелопер.
– Ќе бидат доделени три поединечни стипендии кои покриваат 50 и 100 отсто од вкупната цена за изучувањето на десетмесечната академска програма. Поради фактот што постои недостиг на кадар кој може да се адаптира во една динамична средина со многу проекти за клиенти од различни континенти (поврзани со развој на веб-апликации), компаниите од индустријата се вклучија со директно стипендирање на студентите. По завршувањето на академијата, тие ќе станат дел од овие работни средини. Така идните студенти се подготвени да работат во согласност со потребите на работодавците, а за возврат добиваат нови лојални вработени подготвени практично да се доусовршуваат – вели Крсто Златков, генерален директор на Институтот.
Процесот на стипендирање од компаниите почнува со „Инфо ден“ што ќе го организира Институтот за дизајн и технологија на 7 март во „Јавна соба“. Ќе има можност и за онлајн- следење, каде што идните студенти можат да се запознаат со програмата, менторите и процесот за аплицирање за стипендиите
UX/UI Plus академијата е наменета за оние кои сакаат да започнат кариера како UX/UI дизајнери, WordPress програмери и Front-End девелопери; лица без претходно искуство кои сакаат своето образование да го насочат кон технологијата и дизајнот со фокус на развој на веб-страни; лица кои имаат завршено технички факултети (ИТ-науки, компјутерско инженерство и графички дизајн) како и лица кои веќе имаат искуство во ИКТ-индустријата.
Рокот за поднесување на апликација за стипендија ќе биде отворен до 21 март. Повеќе информации ТУКА.