Околу сто наставници се вклучени во проект чија цел е да ја подобри медиумската писменост кај децата. Проектот го реализира Македонскиот институт за медиуми, со поддршка на USAID во Македонија. Наставниците работеа на подготовка на сценарија за реализирање часови по медиумска писменост за второ и петто одделение во рамки на обуката за наставници-обучувачи за медиумска писменост, што се одржа на 18 и 19 август.

Целта на обуката беше наставниците да се подготват за пренесување вештини и знаење поврзани со теми од медиумската писменост што се вклучени во наставната програма за 2. и 5. одделение. Во наредниот период, ќе се одржат обуки за наставниците од основните училишта во целата држава кои предаваат во 2. и 5. одделение со цел да се запознаат со концептот и методите на пренесување на содржините поврзани со медиумската писменост во рамки на часовите.

Првиот дел на обуката се реализира во мај, а ја водеа 25 предавачи – експерти за медиумска писменост кои работат како наставници, новинари и советници во Бирото за развој на образованието. Учесниците на обуката се запознаа со концептот „Учиме да распознаваме“, со методолошките пристапи и различни содржини поврзани со медиумската писменост, како што се промените во медиумската сфера, дезинформации, проверка на информации, анализа на медиумска содржина, говор на омраза, и конструирање претстави преку медиумите.





