Во галеријата „КО-РА” при Домот на културата „Кочо Рацин” во Скопје од синоќа е отворена групната изложба од учениците на познатата уметница и педагог Афердита Кики, кои изучуваат ликовна уметност во ателјето за ликовна уметност Kikis’s Art Class. Изложбата ја отвори Виолета Калиќ, историчар на уметноста, стручен соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура во „Кочо Рацин“ – Скопје, која истакна дека „оваа изложба е од едукативен карактер во рамките на програмата која има за цел афирмација на млади таленти преку годишните групни изложби кои се реализираат со цел да се презентираат повеќе различни ликовни студија, ликовни ателјеа кои работат под раководство на истакнати ликовни уметници.
На оваа изложба се претставени стотина дела со најразнородна тематика, настанати во текот на 2025 година, во различни техники, медиуми и формати, кои непосредно ја одразуваат детската фантазија, детските сништа, детските желби и пораки, нивниот неповратен и неосквернавен светоглед, но воедно ги одразуваат и нивните дострели во совладувањето на основите на ликовниот израз.





