Стотици македонски наставници, ученици, студенти се усовршиле благодарание на Еразмус+ програмата

Сево ова носи позитивен ефект во македонскиот образовен систем и негово доближување кон европските стандарди, вели Марко Ѓоргиевски, директор на Националната агенција за европски образовни политики и мобилност (НАЕОПМ)

Еразмус плус програмата е најпрепознатливата и најпозитивно прифатената програма во европски рамки. Нејзините можности изминативе години ги искористиле многу македонски граѓани во делот на училишно, стручно, високо образование и образование за возрасни, како и младите и спортот. Сево ова носи позитивен ефект во македонскиот образовен систем и негово доближување кон европските стандарди, вели Марко Ѓоргиевски, директор на Националната агенција за европски образовни политики и мобилност (НАЕОПМ). Во пресрет на зголемување на бројот на надворешни (независни) евалуатори кои ги оценуваат предлог-проектите што ќе бидат поддржани од Агенцијата, со Ѓоргиевски разговараме за начинот на работа на Ахенцијата, транспарентноста, независноста и придобивките што ги добиваат македонските граѓани од користењето на мобилностите.

Марко Ѓоргиевски

Од 2021 година раководите со Националната агенција за европски образовни политики и мобилност. Што би истакнале како најголеми придобивки од бројните мобилности и проекти реализирани во овој период и тие што се во фаза на реализиација?

– Еразмус плус програмата е најпрепознатливата и најпозитивно прифатената програма во европски рамки. Изминативе години сме максимално фокусирани на искористување на можностите кои програмата ги нуди за сите наши граѓани во делот на училишно, стручно, високо образование и образование за возрасни, како и младите и спортот. Мобилностите и проектите директно влијаат на подобрување на квалитетот на образовните процеси во нашата земја во насока на унапредување на вештините и компетенциите кои ги зајакнуваат учесниците. Тие ги подобруваат сопствените јазични вештини, креираат мрежа за соработка со европските партнери, дигитално напредуваат, но се фокусираат и на спроведување на зелени и инклузивни образовни политики. Сево ова носи позитивен ефект во македонскиот образовен систем и негово доближување кон европските стандарди.

Што Ви беше најголем предизвик во работата во Националната агенција кога го презедовте раководството?

– Преземајќи го раководењето со институцијата во мене преовладуваше силна мотивираност да градиме една европски почитувана институција. Тоа беше период кога во јавноста не беше најдобар угледот на институцијата и главниот фокус беше поставување на темели на доверба и сигурност. Презедовме значајни чекори кои преку едно транспарентно и посветено работење донесоа позитивни оценки кај потенцијалните корисници на програмата и европските партнери.

Резултатите се видливи – денес во континуитет имаме рекорден број апликации во различни области, отворен и партнерски однос со јавноста и целосна достапност кон медиумите.

НАЕОПМ не е институција директно под македонската Влада, но од државата зависи дали ќе функционира. Може ли во кратки црти да ја објасните структурата на Националната агенција и под чии ингеренции работи?

– Националната агенција е државна институција формирана со Закон за Национална агенција од страна на државното Собрание. Во делот на финансирање на институцијата сме под т.н. прва буџетска линија, но согласно европските правила сме во тесна корелација со Министерството за образование и наука кој е наш национален авторитет.

Станавте директор во исклучително сензитивен период, кога Агенцијата ја тресеа афери за злоупотреби. Што е направено во меѓувреме за да се избегнат манипулации со системот, особено во поглед на транспарентноста?

– Националната агенција во континуитет работи на подобрување на процесите кои носат квалитет, транспарентност и доверба во работењето. Преку јавен повик беше креирана досега најбројната база од 74 надворешни експерти-евалуатори кои ги оценуваат предлог-проектите и финалните извештаи на завршените проекти. Оваа база наскоро дополнително ќе се прошири, со оглед на тоа што минатиот месец имавме нов јавен повик, во согласност со духот на транспарентноста и отчетноста. Воведовме автоматско распределување на предлог-проектите за оценување кај евалуаторите преку јавна видеоврска за целокупниот прецес да биде транспарентен и отворен.

На нашата веб-страница може денес да ги видите и добитните, но и проектите на резервна и одбиена листа. Тоа претходно не беше можно. Дополнително, воведовме јасно дефинирана процедура за работа на евалуационата комисија. Ова се дел од чекорите кои како Национална агенција ги донесовме во градењето доверба, углед и сигурност во пошироката јавност.

Како сега се избираат евалуаторите што ги оценуваат проектите и кој сè може да биде евалуатор? Колкав период трае нивниот ангажман, дали се тие исклучиво од нашата земја или има и од странство?

– Евалуаторите се избираат на јавен повик. Критериумите за избор се насочени кон тоа тие да се лица кои имаат високо образование, одлично познавање на англиски јазик, но и квалитетно искуство со проекти кои се поддржани од европски или други меѓународни донатори. Потоа, оние кои ја поминале првата фаза добиваат задача за т.н. „работа на случај“ кога согласно претходната подготовка од водичот за Еразмус плус програмата и сите потребни релевантни документи истиот тој случај го оценуваат со соодветни забелешки, коментари и објаснувања согласно европските барања и правила.

По завршувањето на оваа фаза следува консултација со Министерството за образование и наука за спроведениот процес, додека финалната листа ја доставуваме на увид во ЕУ делегацијата во нашата држава. Можам да кажам дека оваа структура на процес за прв пат е правена на овој начин. Ангажманот на евалуаторите е со временска рамка од соодветниот програмски период 2021-2027 година со потпишување на договор секоја година одделно. Со задоволство можам да кажам дека покрај македонските имаме и надворешни експерти-евалуатори од други европски земји кои што се активни во оценувањето на предлог-проектите.

Ако евалуаторите (тие што ги оценуваат проектите) се првата алка во можна манипулација на целиот систем, каков е механизмот за детекција и отстранување, односно санкции?

– Самата идеја е надворешните евалуатори да имаат доволно искуство и интегритет за да можат да оценуваат предлог-проекти, потоа евалуационата комисија да го провери процесот од почеток до крај, меѓутоа да не се меша во квалитетот на оценувањето. Секој надворешен евалуатор секоја година потпишува изјава за конфликт од интерес и тие се доволно свесни и искусни каков процес спроведуваат. Воведуваме и нова процедура за мониторинг на евалуаторите каде што ќе се следи нивниот перформанс и квалитетот на оценувањето. Така ќе имаме механизам за секој оној кој што не ја врши работата професионално да биде исклучен од базенот на надворешни евалуатори.

Треба да се знае дека сме целовремено под мониторинг на директоратот на Европската Комисија одговорен за политиките на ЕУ за образование, млади, спорт и култура. Исто така треба да се напомене, кога станува збор за европски средства и европските истражни органи се вклучуваат во анализи и истраги.

Кои се најголемите придобивки за нашата земја од постоењето на НАЕОПМ, која чинам ја немаат сите балкански земји?

– Националната агенција за европски образовни програми и мобилност е задолжена за имплементација и управување со програмите Еразмус Плус и Европски солидарен корпус во Република Северна Македонија. Морам да истакнам дека како држава имаме статус на т.н. програмска земја со целосни права и обврски како да сме земја членка на Европската Унија.

Ваков статус од балканските земји кои не се дел од Унијата има уште Република Србија. Ова е еден позитивен импулс кој треба да биде наш заеднички мотив во континуитет на нашето заедничко работење за да го подобриме образовниот систем и да го доближиме до квалитетните европски стандарди.

Фото: НАЕОПМ

Сподели