Стоп за корупција, функционални институции. Мирен собир на скопскиот плоштад

Формирање на Е-Инспекторат каде постојано ќе биде објавувано во кои објекти и локали бил спроведен инспекциски надзор, е едно од барањата на движењето „Кој е следен?“ кој го организираше мирниот собир на плоштадот „Македонија“ во Скопје на 18 март. Тие повторно закажуваат мирен собир вечерва во 18.59 часот на скопскиот плоштад. „Кој е следен“ се децидни дека безбедноста на граѓаните не може да биде осигурана без транспарентно работење на сите инспекторати.

– По последното потфрлање на сите поврзани институции, каде најмладите ги загубија своите животи поради, работењето на сите инспекторати мора да биде крајно транспарентно. Инспекторатите мора да доставуваат и објавуваат јавни извештаи од инспекциските надзори, каде јасно и детално ќе биде наведено како се употребуваат објектите низ државата. Транспарентното работење на инспекторатите е првиот чекор кон градење на довербата на народот. Во кој свет е доволно Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам да има вработено само пет инспектори за цела држава? Државните контролни служби не смеат да продолжат да работат со поразително мал број на инспектори! Недозволиво е овие клучни институции да имаат повеќе административни работници од стручни и кадарни инспектори. Како заштитници на безбедноста во објектите, неопходно е да се екипираат инспекторатите со стручен кадар, кој ќе може да го осигури работењето по прописи. Без тоа, ниту еден од нас, нема да може да излезе од дома без страв дека може да настрада, па и да го загуби својот живот – велат под движењето.

Ова се нивните барања за безбедност и превенција:

  1. Воспоставување на дигитален сервис „Е-Инспекторат“, каде на неделно и месечно ниво ќе се објавуваат спроведените инспекциски надзори од:
    – Државен пазарен инспекторат;
    – Дирекција за заштита и спасување;
    – Државен инспекторат за урбанизам;
    – Државен градежен инспекторат;
    – Локален градежен инспекторат.
  2. Воспоставување на нов сервис сличен на „Европски број за итни случаи (112)“, каде граѓаните ќе можат да се обратат, ако сметаат дека има потреба од каков било инспекциски надзор;
  3. Зголемување на бројот на стручни инспектори во институциите;
  4. Образование и подигнување на јавна свест:
    – Означување на сите објекти со некаков вид на информативен материјал кој би содржел информации од типот на:
    проверка од надлежните инспекторати;
    – Инструкции за препознавање на опасности (пр. број на излези, чувство на загушливост, влажност на воздух, патеки за евакуација итн.).
    – Теоретска и практична настава во училишта и јавни институции за потенцијални опасности и начини на евакуација при несреќи;
    – Воведување на предмети во техничките школи и факултети за ППЗ и заштита при работа.

Движењето „Кој е следен“ е формирано годинава, по сообраќајната несреќа во која на пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје загина младата Фросина Кулакова.

Сподели