Столе Попов: Да не дозволиме да го изгубиме хуманистичкиот пристап

Со спотот на „Леб и сол“ за Скопје, што Столе Попов го режирал и кој сè уште важи за еден од најуспешните спотови кај нас, денеска во Кинотеката беше отворена свеченоста на која му беше врачена наградата „Златен објектив“ на режисерот добитник на ова важно признание. Филмската критичарка Илинденка Петрушева на доделувањето разговараше со Попов, кој изрази благодарност за признанието од Кинотеката. Попов се присети на своите филмови, вклучувајќи го и „Австралија“ снимен пред точно 50 години во златното време на „Вардар филм“. Тој истакна дека уметноста треба да биде зачувана.

– Времето на интернетот и на вештачката интелигенција до толку го менува светот што не можеме ни да ги претпоставиме сите можни промени и аспекти каде штo ќе има влијание и дали хуманистичкиот аспект на целото наше постоење во цивилизацијата ќе може да биде одржано на едно ниво кое што доликува на човекот. Да не дозволиме да го изгубиме хуманистичкиот пристап – потенцираше тој.

Во светот на филмот, величината на режисерот се остварува преку неговите визии, иновации и способност да ги доведе гледачите во нови светови. Филмовите на Столе Попов го менуваат начинот на кој го гледаме и перципираме светот околу нас. Тој е водечка фигура во современата кинематографија, а неговите остварувања остануваат врежани во срцата на сите што ги гледале, оставајќи траен отпечаток во културата и историјата на кинематографијата.

Столе Попов е добитник на бројни награди, а негови најголеми остварувања се запишуваат како „Црвениот коњ“, „Среќна нова ’49“, култниот филм „Тетовирање“ и „До Балчак“. Во 2011 година, Кинотеката го прослави својот 35-годишен јубилеј со проект за дигитална реставрација на македонски филмови. Овој проект опфати седум филма на Попов.

Да се родиш и да живееш во Македонија и да не си ги погледнал филмовите на Столе Попов е можеби слично како да си се родил во една древна цивилизација како што е Египет, а да не си се запознал со пирамидите – беше кажано на настанот истакнувајќи дека филмовите на Попов се неизбежен дел од културното наследство на Македонија.

Kинотеката годинава додели „Специјален златен објектив“ за професионалци кои значително придонеле за филмското архивирање и кинотечната дејност. Оваа чест му припадна на Кире Велков, кој го посвети целиот свој работен век на оваа институција, учествувајќи во изградбата на филмски архив со 50.000 наслови. Неговите раце прегледале и премотале стотици километри филмска лента како подготовка за дигитализација, проекција, проценка. Велков одигра клучна улога во работата на Кинотеката.

Сподели