Стојан Павлески со „Сенки“ во Њујорк

„Сенки“ е насловот на самостојната изложба на Стојан Павлески отворена во галеријата на Македонскиот културен центар во Њујорк. Проектот е конципиран како колажна инсталација, ги илустрира некогашните глорификации на идеолошката смисла на војувањето, наспроти сегашните бесмислени подвизи од името на новиот поредок, истиснувајќи го човекот од времето кое го живее.

– Лоцирајќи го Демначот и неговото соочување со баналноста на очекувањата, концептот запрашува која е смислата на човековото позиционирање во апокалиптичните сценарија на денешницата. Сведочејќи го живеењето низ индустриско-пластичната епоха, трговските војни и акумулацијата на капиталот, проектот го адресира прашањето за човековиот опстанок, оставен на сопствените инстинкти и можеби принуден на паравоено преживување – вели авторот.

Историчарката на уметност Натали Рајчиновска-Павлеска објаснува дека во „Сенки“ иконографиите од повоениот период (цртежите) заедно со пластифицираниот феномен на војувањето (фотографиите) – два пунктуми на идеолошката комодификација, дијахроно се судираат со современиот концепт на Демначот, лоциран во едно надреално и асоцијативно-апокалиптично сценарио.

– Доколку го следиме хронолошкиот фатум на проектната поставеност, апроприираните цртежи како некаков белег од детството на авторот се чини дека се носечки во концептот „Сенки“. Како фрагмент од авторовото лично сеќавање на времето од големите идеологии, па и смислата на ликовниот одраз на едно општествено време, тие сега се манифестираат како привиденија на трансгенерацискиот, и, веќе дотрошен идеолошки отпор. Реферирајќи на пластифицираната и милитаризирана имагинација на денешницата, на трговските војни и несопирливата акумулација на капиталот, се поставува прашањето, дали можеби уметникот сака да ни апострофира дека гледајќи со „очи широко затворени“, Западот можеби ја изгубил пластичната револуција од Истокот? – пишува таа во текстот „Износените плаштови на револуцијата“.

Изложбата во Њујорк ќе биде отворена до задутре (27 јуни).

Фото: Gallery MC

Сподели