Денеска ќе полнеше 42 години. Неговата омилена торта со вишни сестра му Дори веќе ја подготви. Нема да ги дувне свеќичките со бројки. Но, многу свеќи ќе горат на неговото вечно почивалиште
Пишува: Соња Алексоска-Неделковска
Некаде пред квечерина, некој ненајавено заѕвони на нашето ѕвонче. Се појави тој, нашиот „Син Божји“. Возбудено, со само неколку чекори се најде во дневната соба, пред касетофонот.
„Ви ја донесов касетата со новите песни. Сакам меѓу првите да ги слушнете.“
Се радувавме на привилегијата што во тие мигови и во живо ги слушавме новите музички адути на генијот. Имав чувство дека најмногу уживаше додека ја пееше „Илузија“.
Во еден миг, станав, го исклучив касетофонот се свртев и му реков: „Знаеш ли дека најубава песна е ‘Излажи ме уште еднаш’. И ја пуштив.“
Се налути, го изгасна касетофонот и ми врати со мирен тон:
„Јас дојдов Огнен да ги слушне песните…“.
Никогаш не одеше до крај, избегнуваше конфликти.
„Има еден стих во таа песна што ми се допаѓа: ‘Стојам сам на асфалт жежок нема веќе диви јагоди’. Ме потсетува на староста, на уморот од секојдневното битисување. Златно дете, сега си млад и можеби не можеш да ја разбереш тежината на годините. Кога ќе подостариш, ќе ја сфатиш пораката на овие стихови. Ех, тогаш ќе се сетиш на мене и ќе си речеш: ‘А бе, таа женичка што стално ме ‘труеше’ со парче леб намачкано со ајвар и задолжителна чаша млеко, Б-комплекс и Ц-витамин, имала право!“ – му одговорив и почнав да се смеам и да го гушкам.
Знаев дека секогаш ќе има некои шупци, лигавци, полтрони, лажговци, што ќе сакаат да го влечат надолу. Знаев дека ќе го озборуваат, ќе му забиваат нож во грб, ќе му ставаат сопки. Знаев дека патот не му е послан само со рози. Но, знаев и дека кога и да се боцне на трњата нема да потклекне. Ќе се бори. Достоинствено ќе созрева. Се прашував како ли ќе изгледа кога ќе биде во зрелите години. Освен седи влакна, немаше да има никаква промена. Зашто таа харизма, таа посебна енергија не можеше никогаш да исчезне. Беше посебен. Не беше како нас.
Ни во најголемото лудило, ни во најтешките кошмари, не помислив дека таа песна „Излажи ме уште еднаш“ ќе ја пее само до своите 26 години. Дека нема да го видам како „стои сам на асфалт жежок“ уморен од секојдневното битисување, но среќен покрај своето семејство, реализиран како татко и како сопруг.
Денеска ќе полнеше 42 години. Неговата омилена торта со вишни сестра му Дори веќе ја подготви. Нема да ги дувне свеќичките со бројки. Но, многу свеќи ќе горат на неговото вечно почивалиште.
Од младите кои останаа без идолот со чии песни растеа и учеа за љубовта. Во неговите стихови доминираа позитивни чувства, простување, надеж, верба. Тие останаа без човекот што бескрајно ги сакаше и секогаш беше расположен да им подари автограм и насмевка. За нив веќе ги нема незаборавните мигови на исчекување на неговите концерти на Градскиот стадион и бисовите без крај, кои редовно ги добиваа зашто Тоше никогаш не се штедеше.
Од девојките, кои загубија идол што личеше на принц од соништата. Убав, висок, насмеан, позитивен. Уште долго во својот живот во секоја нова симпатија ќе го бараат токму тоа скромно и воспитано момче, кое со години им се смееше од постерите на ѕидот од нивната соба.
Од возрасните, кои пак, загубија човек што беше пример за нивните деца. Стана пример за неколку генерации млади луѓе што се поистоветуваа со неговата хуманост и добрина.
Од колегите од македонската музика, која изгуби пејач што со својата интерпретација од наједноставна мелодиска линија и од просечен текст, правеше мегахит. Загуби автор, кој можеше да создаде уште многу песни.
Од болните и сиромашните кои останаа без човекот што секогаш наоѓаше време и пари да им помогне, да им ја намали болката, за миг да им го разубави животот. За него, сите луѓе беа исти. Без разлика на вера, раса, пол. Уште долго, како легенди, ќе живеат спомените на луѓето што некогаш биле дарувани од неговата рака.
Од Македонија, која го загуби најголемиот амбасадор. Каде и да настапуваше, постојано зборуваше за својата земја, го истакнуваше нејзиното знаме. Затоа и секогаш брзаше да се врати во саканата Македонија и во родното Крушево.
Насловна фотографија: приватна архива на Соња Алексоска-Неделковска