Со стоечки овации црногорската публика го награди Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ на концертот што се одржа во Културно информативниот центар „Будо Томовиќ“. Танец со својот музичко-сценски колаж, на исклучителен начин ги пренесе духот и убавината на традиционалната македонска култура, создавајќи посебно доживување за бројната публика, која го исполни аудиториумот до последното место. Ова беше првиот концерт од балканската турнеја на „Танец“.
Концертот почна со интонирање на македонската и црногорската химна, интерпретирани од првенката на Танец, Сузана Спасовка и Марина Цуца Франовиќ. Концертната вечер во чест на Танец ја отвори домашниот фолклорен ансамбл „Будо Томовиќ“. Потоа се нижеа Тешкото, Женско чамче, Копачка, Мариовска тресеница, Радовишки собор, Жетварка, Малешевка, како и низа прекрасни вокални и инструментални сплетови од ризницата на Танец.
Фото: КИЦ „Будо Томовиќ“ и Секретаријатот за култура на градот Подгорица