Под нејзино раководство се изведени археолошки истражувања на повеќе локалитети во Македонија, а некои од прераснуваат во меѓународни истражувачки проекти
Денеска се навршуваат 100 години од раѓањето на археологот и академик Блага Алексова. Родена е во Тетово, а редовен член на Македонската академија на науките и уметностите станала во 1997 година. Алексова дипломирала на Филозофскиот факултет на групата Историја на уметноста на Универзитетот во Скопје. Докторската дисертација на тема „Демир Капија и словенските некрополи во Македонија“ ја одбранила на Универзитетот во Љубљана во 1958 година, а специјализирала старохристијанска уметност и археологија во Думбаартон Оакс, Институт за византиски студи на Харвардскиот универзитет, Вашингтон, САД.
Работела во Музејот на град Скопје, а потоа во Археолошкиот музеј на Македонија како научен советник и долгогодишен директор и организатор. На Филозофскиот факултет во Скопје од 1975 година е вонреден и редовен професор за предметот Старохристијанска и словенска археологија. Таа е основач на Институтот за старословенска култура во Прилеп и негов соработник до својата смрт.
Според податоците во нејзината биографија во МАНУ, под нејзино раководство се изведени археолошки истражувања на повеќе локалитети во Македонија, а некои од прераснуваат во меѓународни истражувачки проекти. Во Демир Капија е откриен старохристијански комплекс со гробна базилика од 4-5 век и словенска црква од 9-10 век со голема некропола. Откривањата укажуваат на интензивна и рана христијанизација на Словените во Македонија, за време на дејноста на Климент. На Брегалница го убицира античкиот и старохристијанскиот град Баргала, Епископски центар и жариште за христијанизација на териториите источно од Вардар. Овие истражувања прераснуваат во меѓународен научноистражувачки проект помеѓу Југославија и САД. Крај Крупиште на Брегалница го открива катедралниот храм на 15 Тивериополски маченици од Струмица што го организирал св. Климент. Таму бил формиран првиот црковен и културен центар – Епископијата на Брегалница.
„Со откривањето на врежаните со остар предмет глаголски и кирилски букви врз камени блокови и плочи, при истражувањето на археолошкиот локалитет Крупиште и Баргала во долината на Брегалница, се испишани нови страници од посебно значење за проучување на појавата и историскиот развој на писменоста и образованието не само на македонскиот народ во тој период туку и за другите словенски народи, односно за севкупната словенска културна историја“, пишиува во нејзината биографија.
Алексова била ко-директор со Џејмс Вајсман на меѓународниот истражувачки проект на Стоби од 1975-1980 година. Од 1981-1997 година раководела со истражувањата на Епископскиот комплекс, западно од Театарот. Била член на повеќе проекти, меѓу кои „Археолошка карта на Југославија“, „Археолошка карта на Македонија“ и „Строхристијански словенски центри во Македонија“. Научните резултати од своите археолошки откривања ги објавувала во повеќе свои студии и монографски изданија и ги презентира на меѓународни конгреси и симпозиуми во Европа и на повеќе универзитети во САД. Авторка е на повеќе трудови печатени во земјата и странство, и тоа: студија „Демир Капија и словенските некрополи во Македонија“, „Епископијата на Брегалница“, како и монографијата „Loca sanctorum Macedoniae“, објавена на македонски и англиски јазик.
Добитничка е на многу награди и член во Археолошкиот институт на Америка; член во Alumni Вашингтон, САД, номинација во Maquis Who’s Who in the World и номинацијата International Biographical Centre Cambridge IBC, England. Починала на 12 јули 2007 година.
Насловна фотографија: Википедија