Стипендиите веќе не се доволни – потребни се гарантирани вработувања

Стипендиите мора да се врзани со договори за вработување по дипломирањето. Зошто тогаш државата би стипендирала одредена научна област? Ако се реши на овој начин, се надевам дека набргу овие мерки ќе донесат одредени резултати – вели проф. д-р Ратко Дуев

Кризата со наставен кадар не е единствениот проблем на Институтот за историја на уметност и археологија при Филозофскиот факултет во Скопје. Интересот за студирање е намален, воведени се стипендии за да се привлечат студентите. Проф. д-р Ратко Дуев, декан на Филозофскиот факултет, објаснува дека во изминатите 15 години интересот за студирање хуманистички науки генерално е во постојано опаѓање. Тоа се рефлектира и врз студиските програми по историја на уметност и археологија.

ИНСТИТУТОТ ЗА ИСТОРИЈА НА УМЕТНОСТ И АРХЕОЛОГИЈА НА РЕСПИРАТОР – ЗА 5 ГОДИНИ ЌЕ ОСТАНЕ САМО СО ТРОЈЦА ПРОФЕСОРИ

– Ако пред 15 години се запишуваа и над 60 студенти на двете програми, денес бројот на студенти на овие програми може да се изброи на прсти. Глобализацијата, миграциите на населението, падот на наталитетот, економската криза по пандемијата, се дел од причините за ваквата состојба. Но, значаен фактор за овие проблеми се и немањето капитални инвестиции за истражување на нашето богато културно наследство, неразвивање на културниот менаџмент, системот на донации како во развиените земји и немањето на човечки потенцијал за посериозни зафати за надминување на оваа состојба – вели Дуев.

Проф. д-р Ратко Дуев

Проф. д-р Антонио Јакимовски, раководител на Институтот прави паралела кога тој студирал, кога годишно се запишувале и по 60 студенти.

– Најголемиот пад на бројот на студенти ни се случи со престанокот на капиталните проекти. Во 2014 година запишавме дури 16 постдипломци. Денес се запишуваат околу десет студенти на прв циклус, односно додипломски студии – вели Јакимовски.

Проф. д-р Антонио Јакимовски

Факултетот со години апелира да се подигне општествената одговорност за богатото македонско културно наследство. Организирани се меѓународни научни конференци, научни трибини, промотивни настани за промоција на македонската наука од областа на археологијата и историјата на уметноста, аплицира во фондации, институции и меѓународни фондови за пообемни истражувања, беше дел од неколку меѓународни проекти од програмите Еразмус+ и Хоризонти.

– За жал, недостигот од човечки ресурси нè ограничува во реализацијата на многуте активности поврзани со истражување, конзервација и промотивни активности. Пред пандемијата, во 2019 остваривме и соработка со Конзерваторскиот центар на Филозофскиот факултет при Хумболт универзитетот во Берлин, бидејќи заради немањето интерес за студирање Македонија остана без стручни конзерватори, што е основа за заштитата на културното наследство – објаснува Дуев.

Бисера Костадиновска-Стојчевска

Проблемот со дефицитарни кадри во сферата на културното наследство повеќепати го спомнува и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Таа решението го гледа во соработка на Министерството за образование и наука и Министерството за култура во чија надлежност се институциите каде би се вработиле студентите по археологија, историја на уметност и слично.

Според Дуев, со развојот на културниот туризам во последната деценија на глобално ниво, нашата земја стана посакувана дестинација за голем број туристи токму поради интересот за богатата културна понуда која почнува од праисторијата па сè до денес. Голем број музеи, локалитети и културни институции се соочија со недостиг од стручен кадар за да одговорат на големиот број посети.

Охрид / Фото: Pixabay

– Многу често директорите ми се обраќаа со замолница да им пратам студенти на пракса за да им помогнат преку летниот период, особено во Охрид. Мојот одговор, на шега, беше дека имаме студенти само за половина музеј. Истиот проблем се јави и во Министерството за култура и во Заводите за заштита на спомениците на културата – недостиг од кадар со заминување во пензија на голем број вработени. Со новиот Колективен договор за вработените во културата во голема мера се подобрија и платите и условите за работните места во културните институции. Пред две години на иницијатива на министерката за култура, професорката Бисера Костадиновска-Стојчевска, на заеднички состанок на кој се расправаше за овој проблем, како прв чекор се договоривме да се стипендираат студентите кои ќе изберат да студираат на студиските програми по историја на уметност и археологија – објаснува Дуев.

Предлогот бил прифатен од Владата и од МОН, а цената на стипендијата изнесува 6.000 денари месечно. Но, оваа мерка не донела промена во бројот на студенти ниту на зголемување на интересот при уписите на нови студенти за учебната 2023/2024 година.

– Проблемот е што стипендиите мора да се врзани со договори за вработување по дипломирањето. Зошто тогаш државата би стипендирала одредена научна област? Доколку се реши и вработувањето на овие кадри, се надевам дека набргу овие мерки ќе донесат одредени резултати – вели Дуев.

Од ископувањата на Скупи

Костадиновска-Стојчевска на средбата со новинарите пред Нова година ја спомна оваа иницијатива и рече дека ова е можност да се зголеми и бројот на студенти и дефицитарните кадри во институциите. Во однос на вработувањата во музеите, заводите за заштита на културното наследство и центрите за конзервација со години најголем проблем е балансерот според кој се пополнуваат работните места. Во сите јавни огласи е посочена националноста од која треба да биде вработениот на одредена позиција. Тоа поттикна други состојби – кандидатите се изјаснуваат дека се од друга националност за да се вработат.

Сподели