Стипендии од по 2.000 евра ќе добијат 135 бруцоши од Фондацијата „Атанас Близнакоф“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, соопшти најстариот универзитет во земјава. Стипендијата се доделува по повод 120 годишнината од раѓањето на донаторот на Фондацијата „Атанас Близнакоф“. За пат се доделени 135 стипендии на студенти кои се запишале во академската 2021/2022 година на УКИМ и редовно напредуваат во студиите.

– Иако првично беше планирано да бидат доделени 40 стипендии, Одборот на Фондацијата одлучи оваа година да се поддржат сите кандидати кои се пријавија на конкурсот. Годишно секој студент ќе добие 120.000 денари стипендија како поддршка за своите студии, доколку редовно напредува во текот на студирањето – велат од УКИМ.

Стипендиите се доделени на редовни студенти кои оваа академска година се запишаа во прва година на прв циклус на студии на факултетите при УКИМ, врз основа на постигнатите резултати и успех во претходниот циклус на образование, и врз основа на достигнувања и мотивација за личен и професионален развој, во согласност со условите и критериумите определени во распишаниот јавен конкурс.

– Сметаме дека овие млади мотивирани луѓе заслужуваат да им се даде можност да го продолжат своето образование на факултет по нивен избор, со што би го поддржале нивниот професионален развој и успех. Убедени сме дека овие млади лица во иднина ќе бидат успешни професионалци, кои ќе придонесат за понатамошен развој и напредок на Македонија – велат од УКИМ.

Фондацијата „Атанас Близнакоф“ e основана во 1977 година од еден од најголемите донатори од дијаспората. Стипендиите од Фондацијата се обезбедуваат од камати и од дивиденди на Фондацијата „Атанас Близнакоф“ во Соединетите Американски Држави. Постапката за избор на кандидатите е спроведена преку платформа која е обезбедена од организацијата „Македонија 2025“.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.