Стихови, остри како сечила: Лидија Димковска наградена со „Браќа Миладиновци“ на СВП

„Гранична состојба“ е поетска книга која предупредува насочувајќи ги нашите погледи кон средиштето на отворените рани на светот, вели жирито во образложението

Познатата македонска поетеса Лидија Димковска за збирката „Гранична состојба“ во издание на „Или-или“ ја доби наградата „Браќа Миладиновци“ која Струшките вечери на поезијата ја доделува за најдобра поетска збирка помеѓу две фестивалски изданија. Од пристигнати 33 книги во потесна селекција влегле збирките: „Потпис: трепетлика“ од Ана Стојановска (Три), „Големата прегратка“ од Павлина Атанасова (ПНВ Публикации), „Девет преобразби во чудната шума“ од Пандалф Вулкански (Темплум) и „Сватови на песната“ од Даут Даути (Матица Македонска).

За наградата одлучуваше жири составено од Сашо Огненовски, Искра Гешоска, Атанас Вангелов, Весна Мојсова-Чепишевска и Лулзим Хазири. Во образложението за одлуката се вели:

– „Гранична состојба“ е поетска книга која предупредува насочувајќи ги нашите погледи кон средиштето на отворените рани на светот. Овие стихови, остри како сечила ни ги отвораат актуелните политички и социјални крварења, ни ги предочуваат сите недоумици и несреќни одлуки, не опсипуваат со глетки од историските страдања кои, за жал не донеле никаков наук и на ововременските воени и политички лудила. Лидија Димковска со мудроста на своите стихови предупредува на вриежот на валканата крв, на една неминовност чија бучава не заглушува и навестува татнеж после чија смртна тишина ќе се отвори амбисот на ништоста – образложува жирито.

Лидија Димковска (1971, Скопје) е поетеса, романописец и преведувачка од романски и словенечки на македонски јазик. Докторирала Романска литература на Универзитетот во Букурешт, Романија, каде предавала македонски јазик и литература. Живее во Љубљана, Словенија и преведува романска и словенечка литература на македонски јазик. Објавила шест поетски збирки на својот мајчин, македонски јазик: „Рожби од Исток“, „Огнот на буквите“, „Изгризани нокти“, „Нобел против Нобел“, „pH неутрална за животот и смртта“ и „Црно на бело“, три романи „Скриена камера“, „Резервен живот“ и „Но-Уи“, еден американски дневник „Отаде Л.“ и една збирка куси раскази „Кога заминав од Карл Либкнехт“. Нејзините книги се преведени на петнаесет јазици (англиски, германски, полски, унгарски, словачки, чешки, романски, српски, словенечки, француски, хрватски, италијански, албански, бугарски и латвиски јазик). Добитничка е на многу награди.

Фестивалот СВП најавува дека од од годинава, прогласувањето на добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ е пред почетокот на фестивалот за да овозможи претставување на добитникот на наградата на тековното издание на фестивалот, а не само негово прогласување пред крај на фестивалското издание.

– Така може да се обезбеди превод на англиски на најрепрезентативните песни од наградената збирка и соодветно претставување на тековниот добитник, особено пред гостите од странство – велат од СВП.

Претставувањето на минатогодишниот добитник на наградата, Ива Дамјановска останува во вообичаениот формат, преку издавање на публикација во целосен препев на англиски на наградената збирка од минатата година и нејзино претставување во рамки на програмата на фестивалот. Преостанатите четворица кандидати во потесен избор исто така, според вообичаената пракса, ќе бидат дел од програмата на фестивалот. Струшките вечери на поезијата оваа година ќе се одржат од 26 до 30 август со целосно почитување на најновите мерки за заштита од ковид пандемијата.

Сподели