Виолинистот Стефан Миленковиќ и камерниот оркестар „Профундис“ најавуваат спектакуларен концерт во Скопје

Миленковиќ со својата кариера започнал на само шест години. Одржал повеќе од 1.000 концерти пред да наполни 16 години. Неговата виртуозност и длабочина на изведбата го направија еден од најпочитуваните виолинисти на својата генерација

Познатиот виолинист Стефан Миленковиќ и камерниот оркестар „Профундис“ најавуваа спектакуларен концерт на 20 септември во салата на македонската Филхармонија во Скопје. Миленковиќ, во поранешна Југославија познат како чудото од дете има долга и успешна кариера како солист и виртуозен виолинист. Неговите настапи ги полнат најпрестижните концертни сали низ светот, а неговата изведба е позната по својата длабочина, прецизност и неверојатна техничка подготвеност.

Камерниот оркестар „Профундис“ е уметнички состав кој веќе четири години промовира квалитет и особеност на изразот со посебен акцент на оригиналноста на сите концертни изведувања. Во него членуваат едни од најистакнатите македонски инструменталисти што се дел од оркестрите на Националната опера и балет и на Филхармонијата.

Заедно со Миленковиќ ќе ги изведат делата: „Серенада за гудачи“ од Петар Илич Чајковски, La Campanella од Николо Паганини, Rondo Capriccioso од Камиј Сен-Санс, „Таис медитација“ од Жил Масне, „Игра на џуџињата“ од Антонио Бацини и „Кармен фантазија“ од Пабло де Сарасате.

Миленковиќ со својата кариера започнал на само шест години. Одржал повеќе од 1.000 концерти пред да наполни 16 години. Неговата виртуозност и длабочина на изведбата го направија еден од најпочитуваните виолинисти на својата генерација.

– На само 10 години настапува пред претседателот на САД, Роналд Реган на Божиќниот концерт во Белата куќа, следната година свири за Михаил Горбачов во Белград, а на 14 години настапува пред папата Јован Павле Втоеи. На 16 години го свири својот 1.000-ти концерт во Монтереј, Мексико, а на 17 годишна возраст веќе има победено на голем број натпревари за млади виолинисти – велат организаторите.

Во својата кариера добитник на бројни награди и признанија, а во Србија ги носи титулите за Уметник на векот, Најхумана личност, Личност на годината и е еден од најпознатите уметници кој гради кариера на сцените во светот.

„Профундис“ под раководство на маестра Ѓурѓица Дашиќ веќе изведуваат концерти со светски познати гости како виртуозот Роман Симовиќ, Ирина Муртезану. Последен спектакуларен концерт одржаа пролетва со уникатно искуство под свеќи и виртуозниот Марио Хосен.

Сподели