Два филма се на репертоарот на Кинотеката вечерва – во терминот од 18 часот ќе биде прикажан романскиот „Со среќа дупење или улаво порно“ по сценарио и режија на Раду Јуде, а од 20 часот – српскиот „Не е лошо да се биде човек“ во режија на Душан Ковачевиќ.

Филмот ја освои „Златната мечка“ на 71. Берлинале во 2021 година и забележа уште десеттина други фестивалски признанија и номинации.

Улогите во филмот ги толкуваат: Катја Паскариу, Клаудија Јеремиа, Олимпија Малаи.

Филмот има неконвенционална филмска форма во која режисерот Јуде со безмилосен хумор се пресметува со лицемерието и предрасудите за улогата на црквата, војската, училиштата и историјата во патријархалните општества на Балканот и Источна Европа.

Средношколската професорка по историја Еми снима домашно видео за време на сексуалниот однос со нејзиниот маж. Откако тоа видео ќе заврши на интернет, започнуваат нејзините маки: родителите бараат да биде отстранета од училиштето, но Еми им се спротивставува…

Филмот е наменет за публика над 16 години.

Во терминот од 20 часот во Кинотеката ќе биде прикажан српско-хрватскиот „Не е лошо да се биде човек“ (2021), по сценарио и режија на Душан Ковачевиќ.

Играат: Војин Ќетковиќ, Бранка Катиќ, Христина Поповиќ, Гордан Кичиќ, Ненад Јездиќ

Приказната на филмот ги следи случките од животот на професорот по клавир Милан (Ќетковиќ), кој останал без работа откако бил намален бројот на учениците во музичкото училиште каде што бил ангажиран. На пат кон дома, тој поминува низ паркот и среќава едно куче со кое создава посебен вид пријателство.

Легедарниот драмски писател Ковачевиќ, авторот на драмите „Маратонците го трчаат почесниот круг“, „Радован Трети“, е сценарист на филмовите „Кој тоа таму пее“ (1980, во режија на Слободан Шијан), „Собирен центар“ (1989, Горан Марковиќ), „Подземје“ (1995, Емир Кустурица), „Свети Ѓорѓи ја убива ламјата“ (2009, Срѓан Драгоевиќ), а е сценарист и режисер на „Балкански шпион“ (1984) и „Професионалец“ (2003). Неговите филмови се многукратно наградувани, а „Не е лошо да се биде човек“ е негов прв филм по 18-годишна пауза.

Музиката во филмот е на Момчило Бајагиќ-Бајага, а актерско деби во филмот има популарната поп-пејачка Лена Ковачевиќ, ќерка на режисерот Душан Ковачевиќ.

Филмот е наменет за публика над 14 години.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.