Средношколците во 4. година го учат творештвото на великанот Анте Поповски одвај на еден наставен час

Во библиотеката на гимназијата се одржа креативната работилница по пишување поезија и други литературни творби на која учествуваа 30 талентирани ученици од шест скопски средни училишта

Во програмата за 4 година по предметот Македонски јазик и литература, творештвото на Анте Поповски се работи со патриотската лирика и тоа најчесто со „Вардар“ и „Македонија“, за жал на само еден наставен час. Колку малку простор за да се објасни сè што има создадено овој наш великан, вели Митра Мими Спасова, професорка по македонски јазик во скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“. Во библиотеката на гимназијата се одржа креативната работилница по пишување поезија и други литературни творби на која учествуваа 30 талентирани ученици од шест скопски средни училишта. Ова беше втора од четирите работилници во рамките на проектот „Поезија во фармерки“, кој е составен дел од 7. издание на Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски-Антево перо“.

Модератори, предавачи и обучувачи беа професорите по Македонски јазик и литература од „Корчагин“, Татјана Алексиќ и м-р Митра Мими Спасова, која се осврна за Интертекстуалните варијации во поезијата на Анте Поповски, преку што се алудираше на отварање на креативно-аналитичките хоризонти на младите учесници, ученици, во однос на поетското творештво на поетот.

– Користејќи ја можноста да се допре посуштински до поезијата на Анте Поповски и тоа благодарение на овој значаен проект именуван како „Поезија во фармерки“, нашата првична задача беше да се посочат сите цитатни симболи, синтагми, версови кои имаат значење на архитекстови кои создаваат една нова метатекстуална поезија – вели Спасова.

Според неа, преку поезијата на Поповски се отвораат вратите на љубовната, интимистичката, дескриптивната (описна), рефлексивната и патриотско-татковинската тематика. Поезијата на поетот нуди најразлични креативни решенија, но учениците треба прво да се запознаат со неговиот поетски универзум, па потоа да пристапат кон креативни решенија кои ќе бидат инспирирани од неговиот стих.

– Токму тоа беше поставено како предизвик пред нив, да остварат различни решенија кои ќе бидат инспирирани од интертекстуалното богатство присутно во поезијата на Анте Поповски и што ќе го претстават во мултимедијална рамка, како што се: поезија, сликарски решенија, визуелни решенија, документарен филм и слично и да го интерпретираат на следната работилница – вели Спасова.

Ученикот Методија Тасевски за потребите на работилницата подготви и уреди графички и технички Избор од поетски творби на Анте Поповски, кои претходно грижливо ги издвои неговиот син, Жорж Поповски. Печатењете го поддржа гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“ и беше поделен на секој учесник на работилницата. Беа направени и фотографии од Анте Поповски, кои исто така им беа ставени на увид на учесниците на работилницата.

Целта на проектот „Поезија во фармерки“ е да ги инспирира, мотивира и вклучи средношколците во процесот на приближување до македонската поезија, да ги поттикне да мислат, читаат, пишуваат и живеат со јазикот на својата родина и да негуваат култ кон книгите и вистинските духовни вредности, што е основна цел и начело на целокупното дело на Анте Поповски. На работилницата учествуваа и средношколци од гимназиите „Јосип Броз Тито“, „Орце Николов“, „Никола Карев“, „Георги Димитров“ и „Димитар Влахов“.

(В.И.И.)

Сподели