Средношколци од Берово со својата паста за заби Elladont – најдобри на „Џуниор ачивмент Македонија“

Ученичката компанија Beauty and Health – Elladont од ОСУ „Ацо Русковски” – Берово го освои првото место на натпреварот „Џуниор ачивмент Македонија“. Оваа компанија се занимава со производство и продажба на паста за заби Elladont, која е еколошка и изработена од природни и здрави состојки, од природни билки што учениците лично ги собираат од еколошки чист регион – Малешевските Планини. Наменета е за секоја возраст, вклучувајќи ги и најмалите.

Во првонаградениот тим учествуваа: Андреј Попчевски, Бојана Арменска, Даниел Димовски, Ангел Биковски и Христина Бошнаковска, а наставник ментор е Цветанка Пеовска.

Второто место му припадна на тимот од СУГС „Раде Јовчевски – Корчагин“ – InnoPazio. Ученичката компанија произведува модернизиран подметач за топли напитоци, кој ја конвертира топлинската енергија во електрична, со што овозможува напојување на мобилните уреди, независно од положбата.
Тимот е во составен од пет девојки од втора година: Викторија Поповска, Екатерина Стојаноска, Невена Митевски, Сара Андоновска и Милијана Стојановиќ, а наставник-ментор е Татјана Голчева.

Третото место го осовои ученичката компанија „Мидори“ од СЕПУГС „Васил Антевски – Дрен“ од Скопје. Ученичката компанија „Мидори“ нуди платформа во вид на виртуелна видеоигра, како пракса за учениците од средните училишта, кои сакаат да го развиваат и негуваат претприемничкиот дух.
Во овој тим учествуваат: Вања Чижбаноски, Елеонора Ачковска, Ангела Бошковска, Дамјан Ѓорѓиевски и Христијан Дебарлиев. Наставник ментор е Радојка Хелман Денковска.

Настанот го помогнаа USAID North Macedonia и Фонд за иновации и технолошки развој, и пoмагателите на нaтпреварот Агенција за поддршка на претприемништвото, Пакомак, Национален младински совет на Македонија – НМСМ / NYCM / KRNM, GDi Skopje, Semos Education, BAS – Biznis Akademija Smilevski и Brainster.

Сподели