Средношколците учеа за доминантните филмски правци на „Филмска училница“

Доминантните филмски правци од почетокот на филмот како уметност беше во фокусот на третата сесија на „Филмска училница“ која завчера се одржа во Кинотеката на Македонија. Учениците од скопските средни училишта што работат под менторство на филмската и телевизиска режисерка Марија Џиџева, прво ги прикажаа и анализираа „домашните задачи“ – да набљудуваат предмети и акции што им се интересни за снимање.

На вториот час филмскиот режисер Саша Станишиќ, професор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности „Европа Прима“, одржа инспиративно предавање за развојот на филмските правци од почетокот на кинематографијата до денес.

Марија Џиџева и Саша Станишиќ

– Филмот постојано се менува, и како уметничка форма, и како медиум, и како индустрија на забава – рече Станишиќ.

Тој ги водеше учесниците низ мените на филмските изрази и стилови од пионерските чекори на браќата Лимиер, монтажните атракции на советската (руската) школа во дваесеттите години на минатиот век, екпресионизмот на европските автори. Следуваа златното доба на Холивуд од половината на минатиот век, субверзивноста во изразот на францускиот „нов бран“ во педесеттите и шеесеттите години, главните протагонисти на „новиот Холивуд“ од втората половина на 20. век па сè до предвидувањата за тоа како ќе изгледа филмот и неговата перцепција во иднина. Станишиќ за сите битни правци од историските епохи на кинематографијата прикажуваше примери, потенцирајќи ја гледната точка од денешниот стадиум на развојот на филмот.

Во продолжение учесниците на „Филмската училница“ гледаа и анализираа три македонски краткометражни документарни филма: пропагандниот докуметарец за петгодишнината на Народна Република Македонија, поетско-документарниот филм за рибите на Дојранското Езеро на Славко Јаневски, и реалистичкиот „Оган“ на Столе Попов од шеесеттите години и седумдесеттите години на минатиот век.

Џиџева ги упати учесниците во основите на филмската историја и на филмскиот јазик, да гледаат филмови од архивот на Кинотека, да анализираат филмски дела, а низ сесиите и да креираат кратки филмски етиди, кои потоа заеднички ги анализираат.

Едукативниот проект е поддржан од Министерството за култура, и во него се вклучени десетина средношколци кои низ различни едукативни содржини и интерактивно-креативно учење во период од десет недели се запознаат со националното аудио-визуелно културно наследство.

Во реализацијата на „Филмската училница“ учествуваат и Владимир Ангелов, Александра Младеновиќ, Бојан Станишиќ, Александар Трајковски, Дамјана Ивановска, Стојан Синадинов, Игор Старделов, Петар Волнаровски, Тихомир Кашмицоски, Игор Богоевски.

Сподели