Сребро и бронза за младите информатичари од Македонија на Балканската олимпијада

Средношколците од Македонија освоија сребрен и бронзен медал на 29. Балканска олимпијада по информатика (БОИ 2022), која денеска завршува во Букурешт, Романија. Нашиот тим на престижниот натпревар во програмирање го сочинуваа учениците Благојче Павлески, Тео Китановски, Петар Ковачовски и Адриан Михајловски, предводени од лидерите, д-р Емил Станков и Мартин Динев од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). Сребрениот медал за Македонија го освои Благојче Павлески од Прилеп, а бронзениот медал – Тео Китановски од Скопје.

Дополнително, на паралелно организираниот РМИ интернационален турнир кој вклучи 168 натпреварувачи од тимови од 16 различни земји Благојче Павлески беше награден со златен медал, а Тео Китановски со бронзен, известуваат од Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ).

Годинава БОИ се одржа како регуларен настан, а ја организира Здружението за извонредност и изведба во информатиката (Society of Excellence and Performance in Informatics) и Министерството за образование на Романија. На натпреварот официјално учествуваа 42 најдобрите средношколци во областа на компјутерските науки од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Македонија, Молдавија, Црна Гора, Романија, Србија, Словенија и од Турција. Земји-гости во неофицијална конкуренција учествуваа и ученици од Италија, Унгарија, Украина и од Швајцарија. Сите ученици се избрани преку годишните национални натпревари во програмирање.

Натпреварите се поддржани од ФИНКИ и компаниите „Мелон технологии“, „Нетцетера“ и „Семос едукација“. За прв пат патувањето на македонските ученици до Романија беше под покровителство на претседателот Стево Пендаровски. Македонските натпревари се одржуваат преку системот mendo.mk кој е достапен во текот на целата година за сите заинтересирани натпреварувачи кои сакаат да се испробаат во оваа област. Балканската олимпијада во следните три години е предвидено да се одржи во Словенија, Италија и во Албанија. До крајот на годинава пред македонските информатичари останува уште еден предизвик – Европската олимпијада за девојки која ќе се одржи во Анталија, Турција, во втората половина на октомври.

Сподели