Справување со напливот на дезинформации во Западен Балкан

Со цел да го намалат влијанието на дезинформациите, граѓанските организации од регионот работат на зајакнување на медиумската писменост помеѓу старите и младите

Пишува: Хилма Ункиќ

Без разлика каде во Западен Балкан живееш, изложен си на голем број дезинформации, кои може да влијаат врз твоето мислење во однос на здравјето, политиката и јавната безбедност.
Исто како и секаде низ светот, за време на пандемијата со ковид-19 граѓаните секојдневно мораа да се соочуваат со дезинформации. Во еден таков случај, информација заснована на фотографија со мртви тела што беше погрешно претставена дека е направена во италијанска болница, придонесе Дијана Тигањ, 27-годишна професорка во средно училиште во Црна Гора, да се чувствува анксиозно. Подоцна се обелодени дека фотографијата не била направена во болница, ниту, пак, за време на пандемијата со ковид-19. Но, како и да е, на почетокот Дијана веруваше дека информацијата е вистинска.

„Во мојот случај, информацијата предизвика паника што беше ограничена на ковид-19. Веднаш ги редуцирав социјалните контакти, опсесивно прскав со алкохолен спреј и особено бев загрижена за постарите состанари. Не излегував од дома освен кога беше апсолутно неопходно“, вели Дијана.

Пред неколку години во соседна Србија, 27-годишната младинска работничка Гордана Адамов се посомнева во изворот на фотографија што ги поврзуваше смртните случаи кај птици со 5G мрежата во Србија. Тогаш за првпат Гордана ја искористи техниката за обратно пребарување фотографии (reverse image search) за да го најде оригиналниот извор на фотографијата.

„Мислам дека тоа беше првиот пат кога почувствував потреба да го најдам оригиналниот извор и да ги предупредам луѓето што ги споделуваа лажните информации во групи дека станува збор за дезинформација.“

Лажните и неточните известувања се особено опасни ако дополнително ги побудуваат омразата и раздорот, особено во етнички поделени општества. Во Косово, граѓаните неодамна беа изложени на интензивни кампањи на дезинформации во врска со растечките тензии на северот на земјата.
Минатиот ноември, кога беше запален автомобил со српски регистарски таблички, некои косовски медиуми објавија дека уапсениот осомничен е поранешен граѓанин на Косово. Овие информации се покажаа како неточни откако косовската полиција потврди дека сопственикот на возилото и осомничениот биле соседи. Двајцата биле косовски државјани со албанско етничко потекло и најверојатно мотивот е личен конфликт. Леонита Морина (24) од Приштина, проектен асистент во консултантско друштво, преку обезбедување информации од различни извори, откри дека мотивот воопшто не бил на етничка основа.

„Сфатив дека станува збор за дезинформации бидејќи некои други медиуми и професионалци нè предупредија дека дезинформации и лажни вести поврзани со ситуацијата на северот на Косово брзо се шират.“

Одговорот на граѓанските организации – справување со дезинформации преку едукација, истражување, уметност и игри

Експертите од „Hibrid.info“, платформа за проверка на факти од Косово, веруваат дека без промоција на медиумска и дигитална писменост, справувањето со дезинформациите е неопфатно. За да се подигне степенот на критичко и аналитичко размислување на граѓаните, тие ја креираа „Checkos“ – онлајн алатка за учење врз основа на неколку типови дигитални квизови.
Потфатот е едноставен – корисниците на „Checkos“ читаат статии со проблематична содржина, а потоа решаваат квиз составен од прашања за релевантноста на фактите, веродостојноста на изворите и структурата на статијата. По комплетирањето на прашалникот, системот автоматски ги генерира резултатите од квизот и го покажува степенот на медиумската писменост на корисниците.
Алатката е моментално недостапна поради недостиг на финансиски ресурси, но од „Hibrid.info“ се надеваат да ја пуштат во употреба во поусовршена верзија. Додека да се случи тоа, продолжуваат да објавуваат статии за проверка на факти и медиумска писменост, како и истражувачки извештаи за дезинформации.

„Ако публиката е едуцирана да ги процени информациите на кои наидува во дигиталната сфера, ефектот на содржината на мисинформациите ќе биде многу помал“, истакнуваат експертите од „Hibrid.info“.

Друга организација од Косово, на интересен начин, преку илустрации како форма на уметничко изразување, се справува со проблемот на дезинформации и со други предизвици со кои се соочува модерното новинарство, како што е недостатокот на независност. Како дел од регионалниот проект „Отпор кон дезинформации и говор на омраза“, што се спроведуваше во шест земји од Западен Балкан и во Турција, „Kosovo 2.0“ креираше серија иронични илустрации земајќи го предвид отпорот на граѓаните кон многу загрижувачки аспекти на денешните медиуми.

 

Фотографија: Илустрација креирана во рамките на проектот „Отпор кон дезинформации и говор на омраза“, соработка меѓу „Kosovo 2.0“ и Ариф Мухареми

Во Албанија, една од највлијателните граѓански организации чиј фокус на интерес е развојот на медиумите, Албанскиот медиумски институт (АМИ) ги здружи силите со младите за да го зајакне отпорот на општеството кон проблематичните медиумски содржини. На почетокот на минатата година АМИ покани поединци на возраст од 18 до 30 години да учествуваат во натпревар за најдобар дизајн на постер за медиумска и информациска писменост. Беа поднесени 22 апликации, кои конкурираа за една од трите парични награди. Победничките постери беа промовирани онлајн и наскоро ќе бидат доставени до универзитетите низ Албанија.

Фотографија: Еден од победнички постери на кој пишува: Посвети време да ги провериш фактите и побарај ги изворите на информации. НЕ ЗЕМАЈ СÈ ШТО ТИ СЕ НУДИ ЗДРАВО ЗА ГОТОВО. Самиот си одговорен за информациите што ги консумираш

АМИ исто така отвори Блог за студенти и медиумска писменост каде што се објавуваат текстови на различни теми напишани од албански студенти. Некои од текстовите го анализираа проблематичното медиумско известување како и важноста на медиумската писменост за младите, додека други се осврнаа на лични гледишта за студентските искуства поврзани со различни медиумски трендови. Блогот опфаќа теми какви што се медиумски стории поврзани со ковид-19, недовербата во науката, практични совети за идентификување дезинформации и друго.

Во Србија, Новосадската новинарска школа (ННШ) одлучи да се справи со дезинформациите преку креирање игра на отворено за граѓаните на Нови Сад. Инсталацијата со големина 10 на 10 метри во форма на лавиринт беше поставена на позната локација во градот, со цел да ги привлече граѓаните да влезат внатре и да го тестираат своето знаење за дезинформациите.

Фотографија: Медиумски лавиринт

Надворешните ѕидови на инсталацијата, илустрирани со делата на уметникот Оли Попинс, на хумористичен начин ги отсликуваа комуникациските замки какви што се апофенија, псевдонаука или „deepfake“, додека посетителите го тестираа своето знаење во лавиринтот. Играта беше заснована на шест различни задачи, при што точниот одговор води до следната задача, а неточниот до ќорсокак. Во периодот додека беше поставена инсталацијата, секојдневно во просек влегуваа по 50 луѓе во лавиринтот, вклучувајќи и деца што ја сметаа инсталацијата како извор на забава.

„Повеќето посетители имаа позитивни коментари за иновативниот пристап и за дизајнот што таргетираше различни техники на медиумска манипулација преку хумористични стрипови. Сепак, некои луѓе ѝ нанесуваа штети на инсталацијата, па често моравме да поправаме некои делови“, вели Марина Грња од ННШ.

Идејата зад инсталацијата беше да се употреби иновативен и интерактивен пристап за да се доближат различни теми на медиумска манипулација и дезинформации на разноликата јавност и да се прати порака дека „само вистинските и точните информации водат до излез од лавиринтот“, нагласува Грња.

Откако посветија голем дел од работата на полето на медиумската писменост кај деца и млади, од Институтот за медиуми на Црна Гора (ИМЦГ) сфатија дека треба повеќе да се фокусираат на возрасните, кои ниту учеле за ова на училиште ниту, пак, развиле навики преку неформално учење низ животот. Во изминатите две години, користејќи наставна програма од ИРЕКС, ИМЦГ ги учи граѓаните да станат обучувачи за медиумска писменост и да организираат работилници за пошироката јавност. Обучувачите имаат четиридневна обука, а потоа одржуваат еднодневна работилница со интеракција и со практични вежби.

„Граѓаните беа толку заинтересирани за програмата, што ги надмина сите наши очекувања“, рече Дина Бајрамспахиќ од ИМЦГ. На работилниците се опфатени многу важни, но често запоставени теми во јавниот дискурс на Црна Гора: медиумски стандарди, лажни вести и дезинформации, апликации и алгоритми, социјални медиуми и нивните предизвици.
„40 обучувачи одржаа работилници на кои беа присутни повеќе од 600 граѓани, што е голем број за ваков тип настани во Црна Гора“, објаснува Бајрамспахиќ. Таа верува дека бројката ќе биде уште поголема затоа што проектот има потенцијал за самоодржливост.
„Во овој момент веќе имаме група луѓе што можат да ја имплементираат програмата надвор од рамките на проектот. Тоа е нешто што го охрабруваме, а тие го прават.“


Фотографија: Учесници за време на работилницата организирана од ИМЦГ

Во Босна и Херцеговина, Медиацентар Сараево правеше мониторинг на различни типови штетни наративи, вклучително и дезинформации, кои се ширеа за политичарките низ медиумите и социјалните мрежи за време на изборната кампања во 2022 година. Мониторингот се фокусираше на прашањето како родот и родовите улоги се користат во изборната кампања и како штетните наративи што се однесуваат на кандидатките може да влијаат врз изборниот процес.
Опасноста од таквите наративи не е само во дезинформациите и во манипулацијата на гласачите и одвраќањето внимание од сериозните политички проблеми, туку и во нормализацијата на вербалното насилство врз жените во јавниот свет, објаснуваат експертите во Медиацентар.

„Ова има неизмерни, долгорочни последици врз позицијата на жените во општеството и е чекор наназад во борбата против родово базираното насилство“ вели Маида Муминовиќ од Медиацентар Сараево.

Опсежен аналитички извештај за штетните наративи направен врз основа на неколкумесечно истражување ќе биде објавен наскоро. Во меѓувреме, Медиацентар Сараево ги прикажува главните резултати од истражувањето во форма на инфографици на своите социјални мрежи.

Фотографија: ШТО СЕ ШТЕТНИ НАРАТИВИ ЗА КАНДИДАТКИТЕ? Содржини што ги дискредитираат кандидатките врз основа на родот и општествено конструираните родови улоги се пласираат во медиумите, со цел да го дискредитираат знаењето, искуството, вештините, веродостојноста и правото на жените да учествуваат во политиката

Во РС Македонија, Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Делегацијата на Европската Унија, во соработка со организацијата „Тактикал тек“ (Tactical Tech) од Берлин, ја организираа изложбата „Стаклена соба – погрешни информации и манипулации на интернет“. Изложбата оригинално беше развиена и поставена од „Тактикал тек“, а потоа беше организирана во многу други земји низ светот. За време на изложбата, на посетителите им беше дистрибуирано Упатство за детоксикација од податоци, кое нуди практични совети за користење на технологијата на паметен и одговорен начин.

„Покрај изложбата, организираме и неколку интерактивни работилници за возрасни и за млади, кои опфаќаат теми поврзани со Упатството за детоксикација од податоци“, вели Ивона Василова од МИМ.

Фотографија: Изложба Стаклена соба во Скопје, МИМ

Стаклена соба испитува различни видови мисинформации и ги учи посетителите да препознаат проблематични содржини. Дизајнирана е како инсталација за самоучење, што се состои од серија постери, интерактивни апликации и анимации, и може да биде поставена на јавни или на приватни места, или да биде посетена онлајн. Изложбата „Погрешни информации и манипулации на интернет“ е преведена на 27 различни јазици, а содржините се достапни на официјалниот веб-сајт на Стаклена соба.
Од поставувањето во 2020 година, „Стаклена соба – погрешни информации и манипулации на интернет“ ја посетија повеќе од 30.000 посетители низ цела Европа и стигна до стотици илјади луѓе онлајн. Во РС Македонија, стотици луѓе ја посетија изложбата во Европската куќа во Скопје (Europe House Skopje). Следните дестинации за изложбата во РС Македонија се градовите Крива Паланка и Струмица.

Сподели