Владата, на предлог на Министерството за култура, донесе Одлука за основање национална установа „Спомен куќа на Мустафа Кемал Ататурк“ – Коџаџик, Центар Жупа. Новата национална установа ќе извршува музејска дејност, а целта на одлуката е истражување, собирање, средување, стручно и научно обработување, проучување, заштита, чување, објавување и презентирање на историско етнолошките предмети поврзани со животот и делото на Мустафа Кемал Ататурк, како и на други етнолошки и историски предмети од значење на Република Северна Македонија.
Спомен куќата на семејството на Мустафа Кемал Ататурк и роднинската куќа во Коџаџик пред неколку години беше дадена на трајно користење на Mузеј на Република Северна Македонија.
Со основање на „Спомен куќа на Мустафа Кемал Ататурк“-Коџаџик, Центар Жупа како посебна национална установа го зајакнуваме националниот интерес на културата и создаваме можности за поголем културно-уметнички развој и промоција.
Министерството за култура и владата покажуваат постојана грижа за унапредувње и афирмирање на културата на сите заедници. Ова културно наследство ќе биде изложбен простор каде ќе се реализираат изложбени поставки,предавања и семинари, прикажувања на филмови, одржуваат едукативни работилници и ќе бидат презентирани музејските предмети.
Како ризница на културни вредности, новата туристичка атракција освен што ќе проднесе за континуиран развој на регионот и институционално чување на историското културно наследство, на посетителите со културни активности ќе им биде автентично претставена пренесената традиција на турските семејства во реканскиот регион, со средиште на културно и општествено живеење, односно ќе придонесува за откривање и оценување на универзалните човекови вредности во изминатиот период.
Меморијалниот центар „Коџаџик“ – Спомен куќата на Мустафа Кемал Ататурк и роднинската куќа во Коџаџик просторно и со опрема ги исполнува условите за соодветно чување и презентирање на музејскиот фонд, поседува основни средства за работа, а постои и потенцијален музејски фонд од предмети со етнолошки и историски карактер. Новата установа ќе биде отворена и достапна за сите видови на соработка со други установи од областа на културата, граѓански организации, образовни институции, културни работници и за меѓународна соработка.