Во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје вечерва во 19 часот списанието за литература, култура и уметност „Современост“ ќе ја одбележи 70 години од своето постоење. Јубилејот се поклопува со 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, кој и самиот во суштинска мера придонел за егзистенцијата и развојот на ова списание, а кому годинава му е посветен и тематски број.
На свеченоста ќе бидат промовирани скорешни изданија на списанието за кои ќе зборува главниот и одговорен уредник, современиот македонски писател Стефан Марковски. Дел од редакцискиот тим на „Современост“ се и: Снежана Стојчевска, извршна уредничка и уредниците Мишо Китаноски, Верица Мукоска и Никола Алтиев.
На Славчо Ковилоски – книжевен историчар и научен истражувач во Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ќе му биде врачена и наградата „Современост“, а ќе бидат доделени и благодарници на сите оние кои внесоа дел од својата книжевна работа во списанието и се верни поддржувачи и читатели на македонските книжевни списанија.
Настанот ќе го води младата писателка и постдипломка по македонска книжевност Верица Мукоска, а поканети се значајни имиња од македонската книжевна сцена кои во изминатите децении укажуваа чест и ги збогатуваа содржините со своите прозни текстови, стихови, драми, есеи, трудови и разговори.





