Специјална проекција на документарниот филм „Градина“ во Битола

Во малата сала на Центарот за култура во Битола вечерва во 19 часот ќе се одржи специјална проекција на македонскиот документарен филм „Градина“. На настанот ќе гостуваат режисерот Бојан Тантуровски, продуцентот Илија Тирицовски и киноматограферот Кирил Шентевски, со кои по проекцијата ќе следува дискусија за филмот. „Градина“ ќе се прикажува во редовната програма на европски филм во мала сала од утре до 12 април.

„Градина“ е приказна за последните урбани герила-градинари. По 35 години градинарење на ненаселено јавно земјиште во близина на реката Вардар, последните герила-градинари во Скопје се соочени со иселување. Како што се шири градот, тие се принудени да бараат друго земјиште.

Филмот е снимен со финансиска поддршка од Агенција за филм, а развиен со поддршка од MakeProDox, Beldocs, Evia Film Project и Thessaloniki Film Festival. Извршен продуцент: Пеце Талески, монтажер е Горан Вуќиќ, дизајнот на звук е Марко Наумовски. Филмот е на ОХО Продукција, а учествувал на фестивалите BelDocs IDFF 2024 (World Premiere); MakeDox CDFF 2024 (Newcomers Selection).

Сподели