Современо силување на колективната меморија

Научното значење на минатото повторно се става во служба на џелатот кој непрестано, дури и во ерата на глобализацијата и сајбер-револуцијата, тенденциозно настојува да погуби цел колектив занемарувајќи ги сите теориски и емпириски факти

Пишува: Даниел Ѓорѓевски, археолог/историчар

Колективната меморија е основата, менталното јадро на јавната свест преку кое се идентификуваме како поединци, но и како колектив. Колективната меморија е најважен катализатор на општествена консолидација. Историјата е објективна, наука поткрепена со факти и докази и не е под влијание на општествениот контекст. Спротивно на тоа, колективната меморија е начинот на кој колективот – луѓето го разбираат минатото.

Концептуализацијата на колективната меморија и историјата е сложен процес, бидејќи не го изразува директниот сооднос, но врската помеѓу нив е нераскинлива. Колективната меморија и покрај нејзиниот статус како патримонијален поим во социолошката традиција – спојот помеѓу историското и митското, преку народниот наратив ни дава директен контекст на историски процеси.

Следен како континуиран процес на идеи што се одвивале низ времето, концептуализацијата на колективната меморија и историјата се низа на секундарни идеи базирани на теоретска имагинација. Тоа главно се должи на историската методологија во која преовладуваат фактите кои ги изнеле „џелатите“ на сметка на погубените.

Од епистемолошки аспект, улогата на историјата и колективната меморија се крајно екстремни. Тоа е така бидејќи следиме случаи во кои имаме: Совршен идентитет во кој колективната меморија има објективно историско значење. Од друга страна имаме тотална спротивност: Колективната меморија и историското значење не се вкрстуваат ниту тангенцијално. Туку наративното минато (колективната меморија) на еден идентитет се соочува со историски контекст дијаметрално спротивен.

Така е затоа што секој историски дискурс мора да се заснова, во крајна линија, врз меморијата на оние кои директно учествувале во настаните што се раскажуваат. Но тука веднаш мора да се запрашаме дали тие настани се правилно раскажани, и дали во нив бил вклучен целиот колектив?

Ставот дека меморијата, индивидуалната и колективната, е инхерентно погрешна, нецелосна, селективна и делумно искривена, што ја спречува да биде точно огледало на минатото веднаш мораме да го прогласиме за погрешен. Тоа е така бидејќи, историјата издлабува од колективната меморија симболично релевантни делови кои последователно се организираат во значајна нарација, истребувајќи ја целата останата историска реалност која засега не може симболично да се капитализира бидејќи ја напишале џелатите.

Дури и ако колективната меморија е направена од фактички делови и парчиња извлечени од текот на историјата, за време на процесот на нивното склопување во наративна структура вбризгувана со значење, нивната историска автентичност може да се изгуби или да се изопачи историска валидност со цел да се прилагоди на моментално доминантните политички интереси и концепти.

Денес сме сведоци на судир на два различни концепта во кои повторно се судруваат џелатите и осудените на пропаст. Од една страна имаме предмодерни концепти за историска нарација во која идентитетот се соочува со поларитетот на меморијата и историското значење. Од друга страна имаме интеракција помеѓу историјата и меморијата што се смета за постмодерен концепт.

Во првиот случај, оној романтичниот, историската нарација ги занемарува сите аргументи кои се резултат на современата наука и води до тотален колапс помеѓу колективната меморија и историското минато. Во овој случај имаме два народа, две истории, два идентитета, две колективни мемории и две историски нарации.

Првата историска нарација е резултат на историски процес во кој преовладува историска методологија која во целост ја игнорира колективната меморија односно културата, нејзината сеопфатност и значење, на сметка на колонијални механизми кои биле практика во не така далечно минато. Ваквата методологија нè води кон основата парадигма: Историјата ја пишува посилниот.

Втората историска нарација е резултат на историски процеси во кои историјата е во директна интеракција со меморијата која ни дава увид во различни процеси и настани за кои има историски, но и наративни – усни, колективни сеќавања и етнолошки податоци што е класичен пример за нас Македонците во спорот со Бугарија.

Ова ни говори дека научното значење на минатото повторно се става во служба на џелатот кој непрестано дури и во ерата на глобализацијата и сајбер-револуцијата тенденциозно настојува да погуби цел колектив занемарувајќи ги сите теориски и емпириски факти.

Насловна фотографија: Депортација на Евреите од Македонија / Извор: Wikipedia

Ставовите на колумнистите се лични и редакцијата на Умно.мк не секогаш се согласува со нив.

Сподели