Вкупно 19 советници за неформално образование и искуствено учење и 20 проценители од Регионалните центри за стручно образование и обука во седум града во Македонија ја завршија обуката во Центарот за образование на возрасните и вчера во Министерството за образование и наука добија сертификатите со кои ќе можат да го валидираат знаењето и вештините на повозрасните граѓани. Регионалните центри за стручно образование и обука во Битола, Тетово, Куманово, Велес, Охрид, Струмица и во Штип, покрај функционирањето како образовни установи за задолжително средно образование, ќе можат и да ги валидираат знаењата и вештините на повозрасната популација, стекнати преку неформално и искуствено учење.
Од МОН велат дека оваа новина е утврдена во Законот за образование на возрасните, а освен валидација на неформалното образование, Регионалните центри за стручно образование и обука ќе спроведуваат и процеси на преквалификација и доквалификација на работници.





