„Сонцето не грее на сите страни“, филм за македонскиот Елвис, е најдобар на фестивал во Србија

Филмот „Сонцето не грее на сите страни” во режија на Глигор Кондовски, ја освои наградата за најдобар документарен филм на Филмскиот фестивал Равно Село, што се одржа од 27 до 30 јуни во Србија. Филмот е на „Револушн продукција“ од Скопје и ја имаше премиерата во 2022 година.

„Сонцето не грее на сите страни” ја следи приказната за македонскиот Елвис Присли – Ване Црнгаров, роден во струмичкото село Куклиш, кој заминува за Австралија. Сиромаштијата го тера главниот карактер да почне да се занимава со музика и така да заработува за живот. Приказната се одвива и во Австралија каде тој настапува како легендарниот Елвис Присли, но и во Куклиш за кој тагува и е носталгичен целиот живот. Документарецот изобилува со музика, која му дава боја на филмот, преку неа гледачот се поврзува со Ване и ја чувствува неговата болка. Мотивацијата да се снима овој филм е универзалната приказна на иселениците кои од различни причини заминуваат од родната земја, но како што вели и Ване – каменот си тежи на своето, велат од „Револушн продукција“.

Освен на режијата, Кондовски се потпишува и на музиката на филмот, директор на фотографија е Слаѓан Милошевски, продуцент Дејан Милошевски, а монтажата на филмот е на Иван Костадиновски.

 

Сподели