Веќе неколку години матурантот на IB-програмата во гимназијата „Јосип Броз-Тито“ покажува исклучителни резултати во хемијата, а тоа го докажа годинава на 53. Меѓународна олимпијада по хемија

Освојувач на бронзен медал на 53. Меѓународна олимпијада по хемија, талентиран средношколец, но и млад човек кој веќе има изградено ставови за состојбите во Македонија, Дарко Стојчев ја почна последната година од средното образование. Веќе неколку години покажува исклучителни резултати во хемијата, а тоа го докажа годинава на IchO2021. Ученикот во четврта година во IB-програмата во скопската гимназија „Јосип Броз-Тито“ веќе полека се подготвува за неговиот последниот IchO предизвик в година. Тој се надева дека ќе постигне добри резултати и ќе ги помине селекционите натпревари. Со него разговараме за љубовта кон хемијата, за натпреварите, за неговите идни планови.

– Хемијата отсекогаш ме интересирала, сакам да истражувам, да го надополнувам своето знаење. Кога учам хемија, кога читам теории, важни откритија од минатиот и од овој век, им се восхитувам и на хемичарите што ги откриле. Сите тие теореми, објаснувања што ги создале научниците за природниот свет околу нас, сето тоа ме фасцинира и во нив гледам исклучителна убавина – вели Стојчев.

Уште како дете се фасцинирал од науката – гледал емисии, забележувал какво влијание има науката врз светот.

– Гледав како го менуваат светот со своите откритија. И јас сакав, ми беше сон, и сè уште ми е, со природните науки да сменам нешто во светот, да имам некакво влијание – вели Дарко.

Роден е во Кавадарци каде ги завршил првите две години од средното образование, во гимназијата „Добри Даскалов“. Во трета година се префрлил во „Јосип Броз-Тито“ поради IB-програмата. Трансферот бил од практични причини, за да има поголеми шанси доколку реши да студира во странство. Според Стојчев, најголема разлика во програмите во стандардното образование и IB-програмата е длабочината на материјалот.

IB е пократка програма, трае две години, но има по 4 часа неделно, поконцентрирана е и се нагласува експерименталниот дел. Релативно е обемна затоа што по хемија треба да направиме проектна работа која најчесто е од експериментална природа. За жал и оваа програма кај нас е спонзорирана од државата и нема кој знае колку добри услови за експериментите. Но, за разлика од другите училишта во Македонија, ова е на сосема друго ниво – вели тој.

Што всушност е хемија сфатил дури кога почнал да се натпреварува на селекционите натпревари. Претходно учествувал и на Јуниорската олимпијадата по природни науки, но таму покрај хемија, се изучувале и биологија и физика.

– Кога видов колку е длабока оваа наука, колку е обемна хемијата, сфатив дека не е нешто што се учи во определено време. Потребни се години. Годинава по трет пат ќе се подготвувам за селекционите натпревари за идната година. Имам уште многу пред себе, се надевам дека ќе постигнам добри резултати и ќе влезам во тимот – вели Стојчев.

Наскоро ќе треба да реши каде ќе го продолжи образованието. Вели дека многу го сака животот тука и сака да остане во Македонија, но за жал истражувачката работа што ја сака не е толку развиена кај нас.

– Нема грантови, финансии, ниту има институции, добро опремени и со услови за истражувачка работа. Ќе морам да бирам помеѓу останувањето тука и да се занимавам со тоа што ми е страст. Многу би сакал да останам тука, но мислам дека моменталните услови не ми го овозможуваат тоа. Во иднина би сакал да се вратам, да помогнам со новите генерации олимпијци – вели Стојчев.

Изборот веројатно ќе биде на универзитет во САД. Веќе познава неколку талентирани ученици од Македонија што заминаа таму. Тие веќе му пренеле дека САД имаат голем потенцијал и добри услови за истражувачка работа.

На прашањето колкави треба да бидат познавањата од англиски јазик за меѓународни натпревари, вели дека професорите ги преведуваат тестовите на македонски за да се поразбирливи за улениците. Но, учењето е нешто друго.

– Познавањата треба да се одлични. Во македонските учебници немаме толку избор. На пример, за органска хемија е еден понов и другите постари верзии. На интернет можам да најдам обемна литература. На почетокот може да биде проблем, но сепак ова е научен јазик и мора да е страндарден секаде во светот. Има мали разлики, но ученик што знае добро англиски би се навикнал и да размислува на англиски во хемијата – вели тој.

Дарко Стојчев

На сите ученици што сакаат да се занимаваат со хемијата како наука, Дарко им препорачува да останат доследни, никогаш да не го загубат својот интерес и да се посветат на тоа што го работат.

– Ако навистина им е интересно, да истражуваат во своето слободно време. Мора да се посветат и да работат самостојно. Од личното искуство, подготовките со Сојузот на хемичарите и технолози на Македонија се одлични, десет класи над тоа што се работи во стандардниот образовен систем. Сепак, овие натпревари бараат од сите нас да седнеме дома, да работиме и да учиме. Ова не го кажувам за да ги обесхрабрам, туку да ги поттикнам – мора да се сигурни дека навистина го сакаат тоа. Зашто има и други ученици подготвени да се посветат целосно на тоа – вели Дарко.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.